Во рацете на обвинителите е тајниот за јавноста договор на Владата со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатиштата вредни 1,3 милијарди евра. Обвинителството потврди дека документот е добиен вчера од ЈП „Државни патишта“ и се наоѓа на разгледување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Договорот, како и содржината на севкупната електронска документација од Електронскиот систем за јавни набавки поврзана со сите постапки за јавните набавки каде како предмет на договор се јавуваат коридорите 8 и 10-д, во наредниот период ќе бидат анализирани во насока на утврдување на елементи на евентуално сторено кривично дело“, соопшти ЈОРМ.
Сепак, од таму укажуваа дека станува збор за обемна документација, поради што на јавниот обвинител и тимот на истражители ќе им биде потребно време за анализа и проверка на сите индиции и наводи што месеци наназад се во интерес на јавноста.
Претходно, ЈП „Државни патишта” до Обвинителството ги достави броевите на огласите од јавните набавки поврзани со коридорите 8 и 10-д, за кои јавниот обвинител обезбеди пристап до електронската база на податоци на Бирото за јавни набавки.