Денешниот ден, 2 мај, високите челници на ДУИ, партијата која произлезе од некогашната Ослободителна војска на Косово (ОВК), го прославија како ден на ослободување на Карадачкиот крај. Манифестацијата се одржа во Слупчане, каде насобраните им оддадоа почит на загинатите во конфликтот во 2001 година.
Забележително беше незадоволството на татко на починат борец од редовите на ОВК, кој не дозволи лидерот на ДУИ, Али Ахмети да положи цвеќе на гробот на неговиот син.
Ахмети минувајќи покрај гробовите, оставаше по едно цвеќе, но кога приближи до гробот на Али Махмути, таткото со рака го попречи Ахмети. Овој само помина и продолжи со цвеќето на следниот гроб.
Таткото со тоа изрази незадоволство, како што пишува Лајм, објавувајќи го и видеото, од нерешавањето на статусот на борците и нивните семејства.
Со патриотски песни и ора во селото Слупчане се одржа традиционалната манифестација: Слободна зона во непобедливиот. Поранешен командант на ОВК Садула Дураку, изјави дека токму на 2 мај 2001 година од Слупчане била испратена порака дека ОВК е жива.
-Кога словенските медиуми пропагираа дека ОВК исчезнала, се изгубила, решивме токму на 2 мај, во консултација со генералниот штаб на ОВК и штабот на бригадата 113 Исмет Јашари, на оваа место во 14:04 минути да излеземе во униформа и да му покажеме на непријателот дека сме овде живи“ – изјави Садула Дураку, поранешен командант на ОВК.
Поранешниот врховен командант на ОВК Али Ахмети во својот говор рече дека Албанците се жртвувале со децении, но никогаш не се покориле.