Невообичаен багаж со 98 аквариумски желчиња бил најден во патничко возило на државјанин од Албанија откриле македонските цариници изминатата недела на преминот кај Стење на македонско – албанската граница.
-При извршена детална контрола на патничко возило со странски регистарски таблички на влез во државата, како и личен претрес на лицето – албански државјанин кое управувало со возилото, пронајдени се 98 живи желки со мал раст, за кои лицето не поседувало документација, соопшти Царинската управа.
Против лицето е поднесена соодветна пријава. Желките се привремено задржани и предадени на Агенцијата за одземен имот, по што се згрижени во Зоолошката градина во Битола.
Македонските цариници во изминатиот период реализираа поголема заплена на злато и златен накит, додека карактеристичен беше и случајот со обид за шверц на икони, кандила и крстови на граничниот премин Дојран од страна на српски државјанин.
При контрола на товарно возило пријавено за транзит откриени и запленети меѓу разновидната стока во камион на минување, ѓ меѓу која и лекови и икони, со вкупна проценета вредност од над 900 илјади денари.
Меѓу непријавената стока пронајдени се 269 пакувања со лекови, 107 икони, 98 парчиња метални крстови и кандила, како и 96 литри маслиново масло, 2800 парчиња очила за сонце и друга разна стока.
Брендираната стока, исто така е предмет на работа на царинските службеници, кои на преминот Ќафасан во текот на март заплени поголема пратка од женски чанти со потписот на познати модни брендови. Модните додатоци, албански државјанин сакал да ги продава во државава.
Внесувањето и изнесувањето на стока од државата е со ограничувања, пропишани со закон, според кој од странство може да се внеси стока во вредност до 350 евра. Исклучок од ова се алкохолни пијалаци, преработки од тутун, парфеми и тоалетна вода. Стоката до 350 евра е ослободена од плаќање на увозни давачки, доколку истата е од некомерцијална природа.
Дозволен внес на преработки од тутун: 200 цигари или 100 цигарилоси или 50 пури или 250 грама тутун за пушење. Потоа парфеми до 50 милилитри и тоалетна вода до 0,25 литри, а што се однесува до алкохолните пијалаци, количината зависи од процентот на алкохол. За пијалак со процент до 22% алкохол дозволени се 2 литри, додека со над 22% дозволен е само 1 литар.