Традиционално и оваа година на 7 мај, во градот на поезијата, во Струга ќе се одржи сенародната Струшка Еордија (Литија), со моштите на „Свети Георгиј Победоносец”, неговата чудотворна икона, како и Крнинската чудотворна икона на Богородица.
Дел од најголемото торжество по кое државата е истакната во целиот свет и годинава ќе биде локалното свештенство, братството и сестринствата од манастирите Бигорски, Рајчица и Пречиста, голем број верници и добронамерници од земјава и странство.
Старешината на храмот „Свети Георгиј Победоносец“, свештеникот Васко Голабоски информира дека стружани, без оглед на својата национална и верска припадност, деновиве се обединети околу ова големо чествување на Светиот Георгиј.
– И младите и повозрасните го даваат својот значаен придонес за да може што подостоинствено да се прослави настанот по кој нашиот град стана препознатлив во целиот свет. Чест ни е да го поканиме целиот народ да земе учество во најсвеченото чествување на Свети Георгиј на овие простори, чии што свети мошти и чудотворна икона, како и Крнинската чудотворна икона на Мајката Божја, се значајно обележје на свој сенароден настан, истакна отец Голабоски, кој е дел од организациониот одбор на Струшката Еордија
И оваа година на Литијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили, кои не само на Еордијата, туку секогаш се тука за да го чуваат мирот и безбедноста во земјата.
Меѓу возилото и литијата, според сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
Моштите и овој пат ќе бидат носени од четворица граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.
– Традиционално, моштите на светецот ќе пристигнат од нашиот манастир во Рајчица, а чудотворната икона на Пресвета Богородица од манастирот Пречиста во Кичево. Овие големи светињи ќе бидат поставени за поклонение во храмот „Свети Георгиј“ во Струга. Во 16 часот ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, после што ќе следи Еордијата, која ќе започне веднаш по богослужбата во 17 часот. Литијата ќе тргне од храмот на светителот, ќе поминува низ централните градски улици, од другата страна на кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно ќе се врати во црквата, истакна сестра Ефимија.
Верниците и сите добронамерници, како што посочи отец Васко Голабоски, ќе се движат после гардата, а оние што не можат да се вклучат во Литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!”.
По завршувањето на свечената Литија, во дворот на храмот „Свети Георгиј Победоносец” во Струга, со своја културно-уметничка програма ќе настапи кичевското играорно друштво „Бисер“, како и хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, кои за Струшката Еордија подготвиле специјална програма.
МИА