Се кршат работничките права од страна на работодавачите, но работниците се сѐ повеќе информирани за своите права и правдата ја бараат преку судската власт. Ова е ставот на правниот тим на Здружението „Гласен текстилец“, кој ги анализираше состојбите со работничките права по повод Денот на трудот.
Судските постапки вообичаено се парични побарувања за неисплатени плати и додатоци на платата. Адвокатот, Донче Стаменков кој е дел од правниот тим на „Гласен Текстилец“ забележува дека јавната администрација е во по поволна позиција, зашто тужбените барања во целост се наплатуваат преку позитивни пресуди на надлежните судови.
„Кога би ги генерализирале постапките пред судовите вклучително за јавниот и приватниот сектор, станува збор за парични побарувања по однос на неисплатени плати и додатоци на плата. Ако земеме да го разграничиме јавниот сектор од приватниот сектор, може да кажеме дека за разлика од приватниот сектор, во јавниот тужбените барања во целост се наплатуваат преку позитивни пресуди во надлежните судови од нашата држава, но генерално во приватниот сектор работниците се помалку заштитени. Ние добиваме судски пресуди, кои се позитивни, во корист на работниците, но се случува да одредени форми кои ги овозможува Законот, одредени фирми да бидат затворени или да се престават како не ликвидни и да не можат да се наплатат побарувањата од страна на работодавачите“, вели Стаменков.
Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип забележува дека во приватниот сектор има позитивни пресуди во корист на работниците, преку форми кои ги овозможува законот. Посочува дека фирмите се претставуваат како затворени или неликвидни со што не може да се наплатат паричните побарувања од страна на работодавачите.
Ампева порачува дека е важно навремено да се преземат сите постапки за што е потребно работниците навремено да бидат информирани за своите права.
-Проблематично е што работниците чекаат, не ги искористуваат роковите. Проблематично е тоа што на крајот остануваат без неколку плати, фирмата оди во стечај, во ликвидации. Секакви форми смислуваат, а на крајот работниците се оние коишто остануваат оштетени. Затоа и апело е да не чекаат, плата се пушта до 15. наредниот месец, придонесите заедно со тоа. За жал, системот на УЈП сѐ уште дозволува каснење на плата, сѐ уште дозволува исплата под минималец, вели Ампева.
Адвокатот, Стаменков надополнува многу е важно работниците да внимаваат на тајмингот, односно, доколку им доцни платата, веднаш да пријават во „Гласен Текстилец“ или до адвокатите кои се специјализирани за трудовата легислатива. Исто така, не смеат да потпишуваат бланко изјави во моментот на засновањето на работниот однос, кои се незаконски.
-Тие бланко изјави подоцна ги користат за работниците да бидат одјавени во форма во која не можат да си ги добијат своите права кои ги следуваат во однос на Законот за осигурување во случај на невработеност – рече Стаменков.
МИА