„Како се случи пожарот?! Она што ние го видовме со свои очи и она за кое сведочат нашите соседи е дека пожарот избил на покривот на фотоволтаичните панели кои произведуваат струја, а она што ние не го знаеме е како избил пожарот и што го предизвикало тоа. Одговор на ова прашање очекуваме сите ние од надлежните институции кои вчера после 6 дена од денот на пожарот зедоа примероци од инверторите од фотоволтаиците со цел да ја утврдат причината за избивањето на пожарот“.
Ова е дел од подолгиот напис од фабриката „Тила“ од Прилеп (28.04.), чиј производствен објект беше зафатен од пожар пред девет дена. Иако беше спасен поголемиот дел од фабриката, сепак штетите се големи, изгореа материјали и готови производи и друг имот. Се чека проценката, па потоа и да почне реконструкцијата.
По овој пожар, погледите се свртени кон вештаците, кои треба да утврдат дали можеби поставените сончеви панели се причината за избивањето на пожарот.
Зоран Митрески, сопственик на Ефикс еликтрикал од Скопје, која се занимава со оваа дејност, постави повеќе тези околу, како што го нарече „десперадото во изведбата на фото напонски системи во државата“, додека „мирисот на парите ја води играта, а не стручноста“.
Според Митрески, неколку години се алармираше дека се потребни квалификувани монтери кои ќе знаат и умеат успешно и квалитетно да ги имплементираат ваквите но, според него, институциите потполно потфрлија во подготовката на таквиот стручен кадар.
-Инсталирањето на фото напонски системи не е редење на лего коцки, како некои со леснотија умеат да го кажат, туку многу комплексна ситуација со неопходност од одлично познавање на техничките карактеристики на инвертерите, панелите, каблите како и целата заштитна опрема. До само пред 2 години во Македонија постоеја максимум десетина фирми кои беа вредни да се носат со светските регулации за изведба со соодветните сертификати за монтери на ваквите системи. Ценовниот шок и мирисот на парите си го направи своето! Преку ноќ се формираа стотици нови фирми кои биле калфи на тогашните мајстори, калфи на калфите и нивна трета хипер-креирана генерација на калфи. За да се совлада оваа технологија потребни се неколку години сериозна работа на темата, ама ете станавме земја на YOUTUBE стручњаци кои со својата ароганција од незнаење потфрлуваат во квалитетната изведба на овие системи, заштита по живот на луѓето кои се во тие објекти а да не спомнувам за технологијата и репроматеријалите кои при ваква ситуација од макотрпен 20 годишен бизнис постануваат само пеплосан безвреден материјал, реагира Митрески.
Од фабрриката „Тила“, која е макотрпно создаван бренд на две сестри, причините за пожарот не ги знаат. Чекаат одговор од надлежните органи, како и да се направи процената на направената штета.
-Во моментот на избивањето на пожарот фабриката не работеше и нема повредени.
За оние кои не знаат брендот Тила е дело и креација на две сестри кои со помош на нивната семејна компанија конфекција Хатра во Прилеп започнуваат со креирање и менаџирање на компанијата уште во своите рани 20ти години! Брендот Тила го градиме веќе 15 години и со години беше и е единствен македонски бренд на детска облека кој функционира професионално од типот на дизајнерските брендови. Создаден е со премногу љубов, преголем труд и чесна и макотрпна работа. Тоа што ни се случи е премногу болно и тешко за нас бидејќи е вложен многугодишен труд и средства за да изградиме современа фабрика и висок стандард на квалитет на нашиот бренд со кој ќе се гордеат сите Македонци, соопштија од „Тила“.