Тековната тајна разузнавачка операција со кодно име „Коњски скок“, координирана од Будимпешта, има главнацел уривање на постоечката влада, со крајната цел е враќање на поранешниот премиер Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ) во Македонија. Ова го пишува институтот ИФИМЕС во пдолгата анализа за Македонија, каде се додава дека затоа е важно македонските власти, заедно со партнерите и сојузниците од ЕУ и САД, да инсистираат на официјална екстрадиција на Груевски.
„Дестабилизацијата на државата со производство на бројни афери е интензивна. Откриени и лоцирани се повеќе од 160 медиумски портали кои продуцираат бројни (лажни) вести и афери. Компанијата, која води веб-страници за поддршка на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со унгарската јавна телевизиска мрежа Magyar Televizo (MTV), која е симпатична кон водечката партија Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Фокусот на разузнавачката операција “Коњски скок“ е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски (СДСМ), затоа што сакаат дефинитивно да се справат со него, а се чека најголемиот безбедносно-разузнавачки напад врз Северна Македонија и министерот Спасовски“, се вели во анализата.
Оваа анализа тврди дека главна цел на операцијата е Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи. Во следниот напад, кој се очекува, како што пишува ИФИМЕС, е вклучена една од водечките разузнавачки служби во регионот, која има поддршка и помош во кадрите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и на дел од владејачките структури, дури и функционери и/или оние кои имаат поддршка од владејачката СДСМ.
„Аналитичарите сметаат дека е загрижувачки зошто НАТО алијансата, но и ЕУ и САД толерираат ваква активност на безбедносните и разузнавачките служби на одделни земји-членки во Северна Македонија, која не е само насочена против националните интереси на суверената земја-членка, туку исто така против интересите на самиот НАТО. Во пресрет на најголемиот безбедносно-разузнавачки напад врз Северна Македонија, кој може да претставува безбедносна пресвртница, неопходно е да се обезбеди соодветна поддршка и помош од партнерските и сојузничките земји, да се зголеми физичката заштита на клучните државни институции и заштитата на носителите на клучните јавни функции, особено министерот Спасовски, како главен носител во спротивставувањето на разузнавачката операција „Коњски скок“ и странското, особено руското и кинеското влијание. Клучно е да се спречат нападите со преземање активности за одвраќање, а македонските власти мора да го координираат тоа со своите сојузници и партнери, пишува во анализата на ИФИМЕС.
ИФИМЕС – Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии е со седиште во Љубљана, Словенија, кој има консултативен статус при Економско-социјалниот совет ECOSOC/UN од Њујорк, од 2018 година.