Во текот на вчерашниот ден во Бугарија е пронајдено безживотно тело на И.Н. (49 години), македонски државјанин – соопшти денеска Министерството за надворешни работи повикувајќи се на информации добиени од нашата амбасада во Бугарија, но и од надлежните бугарски институции.
Како што соопшти МНР, Амбасадата на Северна Македонија во Софија продолжува да биде во редовна комуникација со надлежните органи во Бугарија, од кои се очекуваат повеќе информации во врска со случајот и за текот на постапката за целосно расчистување на случајот, за што МНР дополнително ќе ја информира јавноста.
-Воедно Амбасадата останува на располагање на семејството на починатиот граѓанин за евентуални потреби, наведуваат од МНР.
Бугарската телевизија бТВ претходно, повикувајќи се на полицијата во Бургас, објави дека 14-годишник е приведен за убиство на македонски државјанин во Сончев Брег.
Телото на жртвата било откриено вчера во шумска област до местото „Бачата“. Утврдено е дека станува збор за 49-годишен македонски државјанин кој влегол во Бугарија преку граничниот премин Ѓуешево на 24 јануари годинава.
Во истрагата полицијата утврдила дека убиството го извршило 14-годишно момче од Несебар. Македонскиот државјанин бил претепан до смрт со кол, наведува бТВ повикувајќи се на полицијата во Бургас.