Социјалните медиуми предизвикуваат низа негативни појави кај младите, но од нив има и придобивки, без кои не може да се замисли денешното функционирање на општеството, особено во однос на комуникацијата и олеснувањето на спроведувањето на наставата. Ова е заклучокот од денешната дебата за менталното здравје на младите и социјалните медиуми, која ја организираше Центарот за менаџмент на човечки ресурси при Филозофскиот факултет во Скопје.
Деканот, Ратко Дуев рече дека науката се уште нема доволно истражено какво е влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите, но додаде дека тоа е клучна и многу актуелна тема, бидејќи се забележува промена во однесувањето.
-Има проблеми, како анксиозност, депресија, несоница, но и позитивни работи. Се работи за недоистражена тема. Се собираат искуствата од земјава и странство. Не се знае како ќе биде во иднина, дали со повеќе позитивни или со повеќе негативни ефекти. Мораме да напоменеме, да не беа тие социјални медиуми, многу од работите ќе беа и потешки, потешка ќе беше комуникацијата, одвивање на настава – нагласи Дуев.
Професор доктор Софија Георгиевска рече дека од една страна социјалните медиуми успеаја во голема мера да ни го приближат и олеснат светот, со алатки и технологии, но од другата страна е и негативната страна на паричката. Според професорката, младите поради социјалните медиуми трпат секојдневни последици поврзани со нивното ментално здравје и самодовербата, несоницата.
Таа откри дека она што неодамна го истражувале покажало дека најголем процент од младите спијат со пуштени телефони до нив, а тоа ги води до несоница, што пак предизвикува дополнителни проблеми по здравјето.
Комуникологот Бојан Кордалов, осврнувајќи се на прифаќањето на новата дигитална реалност нагласи дека светот сè повеќе ќе станува дигитален.
„Треба да се внимава за да не се изгубат децата, младите, општеството и здравјето“, рече тој.
Кордалов се осврна и на негативните трендови на интернет со разни предизвици како возење над двеста километри на час, трчање преку пруги, да се претрча пред кола во движење, што се лоши и страшни работи за кои се потребни конкретни мерки, но ги спомена и младите што се прославиле со учество на натпревари, токму преку социјалните медиуми.
Директорот на Клиниката за психијатрија, д-р Стојан Бајрактаров исто така се осврна на позитивното и негативното влијание на социјалните медиуми.
-Мислам дека социјалните медиуми имаат и позитивно и негативно влијание. Го видовме нивното позитивно влијание во време на пандемија, главен начин на комуникација беа социјалните медиуми. Меѓутоа мислам дека по пандемијата, тој тренд почна и пред неа, гледам едно доста негативно влијание бидејќи медиумите го заменија она однесување што треба да е карактеристично, посебно за младите луѓе, развивање на социјалната сфера и социјалните релации вистински, она што се вика во живо, а не виртуелни, како што се преку социјалните мрежи – рече Бајрактаров.
Наташа Димеска, шефица на кабинетот на министерката за труд и социјална политика, се обрати на панел дискусијата, во име на министерката Јованка Тренчевска.
– Една од целите за 2023 година, кои ги поставивме во фокусот на нашата работа како Министерство е и менталното здравје. Поаѓајќи од тоа дека според досегашната воспоставена пракса, кога зборуваме за здравје, првата асоцијација не упатува на физичката состојба на телото односно физичкото здравје, доаѓаме до заклучок дека на менталната состојба на човекот односно неговото ментално здравје, се посветува многу малку внимание или пак целосно се игнорира, рече Димеска.