Над 2,7 милиони денари годишно биле трошени во Општината Кисела Вода за 23 консултанти, кои освен што требало да го советуваат градоначалникот, имале обврска да подготват и стручен труд на различни теми. За ова биле плаќани и до 89.000 денари.
Меѓутоа, државните ревизори при преглед на финансиските извештаи за 2020 и 2021 година утврдиле дека нема стручни трудови, за кои консултантите биле платени.
„Од доставените извештаи на лицата кои биле ангажирани со авторски договор, утврдивме дека дел од нив воопшто не презеле активности во насока на креирање авторско дело согласно склучените договори (стручен труд) и дефиницијата утврдена во член 12 од Законот за авторското право и сродните права, туку истите преземале конкретни и повторливи дејства, како работни задачи во рамките на општинската администрација“, утврдила ревизијата.
Исто така, за изборот на овие лица не постојат пишани критериуми како во поглед на потребата од нивно ангажирање, така и во поглед на стручните квалификации и компетенции кои би требало да ги поседуваат, не постојат критериуми ниту во утврдување на висината на надоместоците за извршената работа и истите се движат од 12 до 89 илјади денари.
Овие средства се плаќани на консултанти кои требало да изработат стручен труд за организирање состанок со медиумите и градоначалникот, агенда на градоначалникот, план за организирање на културни манифестации, протокол за спортски манифестации, координирање на активности во урбани и месни заедници и слични како што стои, несистематизирани работни задачи.
Во извештајот на ДЗР констатирани се и неправилности во ангажирање на лица преку Агенција за привремени вработувања. Вкупно 83 лица биле ангажирани привремено, но тоа привремено за некои од нив, траело и повеќе од две години, што е во спротивност на законот.
За овие 83 лица, општината Кисела Вода платила над 18 милиони денари.
„Утврдените состојби за начинот на ангажирање на лица преку приватните агенции за вработување, овозможуваат намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и повластена положба во постапката на нивно ангажирање, како и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи на општината“, пишува во извештајот на Државната ревизија.
Во генералните оценки на овој извештај утврдени се повеќе неправилности, како неводење сметководствена евиденција за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, не се води регистар за издадените одобренија за поставување на урбана опрема и не е донесена годишна програма за поставување на времени објекти на градежно неизградено земјиште и урбана опрема на јавни површини, додека за побарувањата кои потекнуваат од минати години за кои има поведено судски постапки, не е утврдена можноста за нивна наплата.