Ковид пандемијата, а потоа и војната во Украина ги извадија на површина опасностите од дезинформациите, кои фрлија сенка врз довербата кон институциите. Дезинформациите и лажните вести зачестија и во македонската општествена реалност, исправајќи ги институциите пред предизвикот со транспарентност да се борат против нивната појава, без при тоа да ја загрозат слободата на говорот.
Транспарентноста е високо поставена на агендите на домашните политичари, но ретко е составен дел од процесот на носење одлуки – нотира Институтот за комуникациски студии.
-Во битката со дезинформациите, државните институции немаат усогласена дефиниција па оттука, секој ресор различно го толкува ваквиот поим – заклучува Институтот за комуникациски студии во истражувањето „Улогата на институционалната транспарентност во справувањето со дезинформациите и шпекулациите во Северна Македонија“.
Дезинформациите – предизвик за институциите, но и за новинарите
Несомнено, дезинформациите се сериозен проблем со кој во својата секојдневна работа се соочуваат и новинарите.
-Ги дефинираат како лажни, неточни информации и вести, а за најголеми генератори ги сметаат социјалните мрежи и огромната бројка портали (пред сѐ нерегистрирани) – истакнуваат од Институтот за комуникациски студии.
На ова се надоврзува и новинарот, Димитар Бабалков од Сител ТВ кој вели дека отсуството на законска регулатива за тоа кој и како може да регистрира портал си го наплатува данокот.
-Апсолутно, тоа создава плодна почва за развој на непроверени информации, односно клик вести. За жал, голем дел од луѓето се т.н медиумски неписмени, а тука самопрогласените новинари и медиуми гледаат огромен простор да пласираат дезинформации. Од друга страна, тоа колку е предизвик за професионалните новинари да се борат со купот на лажни вести толку може да биде и демотивација за работа, особено за помладите новинари. Тоа го велам од причина што наидуваат на ниски плати, а на крајот од денот како вели народната „колку пари толку музика“ – објаснува Бабалков во изјава за ММС.
Истражувањето на ИКС пак, покажува дека според новинарите, во битката со дезинформациите потребно е придржување до професионалните новинарски стандарди, но и едукација за медиумска писменост.
Токму на тоа апелира и нашиот соговорник, кој нагласува дека за да се изборат медиумите со морето на лажни вести доволно е да отворат повеќе извори, а не веднаш да се зема здраво за готово сè што ќе понудат агенциите, агрегатите и така натаму.
Новинарката Искра Опетческа од МКД.мк потенцира дека во ерата на технолошка револуција, токму новинарите се тие кои најмногу може да паднат во замката на дезинформациите затоа што дистрибуцијата на информациите (информирањето) е нивна основна дејност.
„Ако се земе предвид фактот дека професионалните новинари во текот на денот добиваат и обработуваат десетици па и стотина информации, тогаш оттука и констатацијата, дека токму тие се најмногу изложени на ризикот од пласирање на дезинформации“, вели за ММС, Опетческа.
Мноштво стратешки документи за зајакнување на транспарентноста, но без евалуација на реализираното
Новинарите се едногласни дека институциите може значително да придонесат во справувањето со дезинформациите и пренесувањето точни и релевантни информации со граѓаните. Сепак во пракса, транспарентноста на институциите на централната власт ја оценуваат како формално-правна и техничка, неретко и пи-аровска.
Во контекст на ова, истражувањето на Институтот за комуникациски студии покажува дека капацитетите на македонските институции за справување со дезинформациите се слаби, иако тие директно ја поткопуваат демократијата. Стратешките документи за зајакнување на транспарентноста се многу на број, но за мерките кои се реализираат од нив нема евалуација.
Бабалков забележува дека голем дел од институциите, за жал не ни знаат кои се нивните надлежности, а не пак, да дадат точни и проверени информации.
„Пракасата покажува дека постојат и институции кои и покрај тоа што даваат обемни одговори, во неколку страни во пишана форма, на крај сепак не споделуваат информација. Ние, новинарите тоа често знаеме да го наречеме, одговор без одговор. Во пракса ми се случило да добијам одговор-соопштение од 4 страници, а информациите внатре да не се поклопуваат едни со други“, објаснува Бабалков додавајќи дека на овој начин институциите всушност оставаат уште поголем простор за ширење на шпекулации и дезинформаци.
„Институциите мораат еднаш засекогаш да сфатат дека во нивен прилог е да дадат точна информација. Со тоа не вршат работа на новинарите и медиумите туку на самите себе, покажувајќи дека на дело прават нешто, а не само на хартија“, заклучува новинарот.
Новинарката Опетческа посочува дека транспарентноста и отвореноста на институциите е само еден сегмент во борбата со дезинформациите.
„Се разбира, секоја поблиска соработка која се темели на начелата на транспарентноста особено на отчетноста на институциите е само плус повеќе во борбата против дезинформациите“, смета новинарката.
Правејќи паралела со ситуацијата од пред петнаесетина години кога технологијата не беше на она ниво на кое е денес, таа сепак забележува дека транспарентноста на институциите е на многу поголемо ниво.
„Впрочем, за тоа говори постоењето на Стратегијата за транспарентност на Владата. Во контекст на прашањето, токму во овој период работна група составена од сите чинители во општеството работи на новата верзија на Стратегијата за транспарентност на Владата (2023-2026) која ќе треба да ги подобри и унапреди принципите на добро владеење а со тоа и борбата против дезинформации. Сметам дека токму по овој принцип треба да се водат и институциите од законодавната и судската власт како и оние од локалната самоуправа“, нагласува новинарката.
На крај сепак, како што вели таа, не смее да се заборави дека принципот на транспарентност и отчетност треба да биде основна водилка и на невладиниот сектор и на медиумите.
Во отсуство на институционална транспарентност, на луѓето им е тешко да знаат кому да му веруваат
Несомнено, новите комуникациски технологии со својот развој го зголемуваат влијанието на дезинформациите кои може да остават далекусежно последици врз демократските општества низ целиот свет.
„Истовремено транспарентноста се наметна како контратежа на дезинформациите, поради нејзината улога во отвореноста, изградбата на доверба, спречувањето на лажните информации и промовирањето на точното и отворено информирање. Но отсуството на институционална транспарентност значи скратување на правото на граѓаните на пристап до информациите“, алармирааат од Институтот за комуникациски студии.
Токму поради тоа, во истражувањето посветено на оваа проблематика, оттаму препорачуваат државата да даде поддршка за спроведување длабински научни истражувања за транспарентноста и дезинформациите, но и да се воведе напредна обука за сајбер-безбедност за сите нивоа на власта во сферата на дигиталната безбедност.
Експертите наведуваат дека исклучително важно е да се внимава опсегот на мерките за справување со дезинформациите да не влијае на слободата на изразувањето и да не се креира клима за автоцензура, ниту да се создава или зголемува ризикот од повреда на правото на слобода на говорот, слобода на медиумите и уредничка слобода.
Меѓу другото, во истражувањето на ИКС се препорачува подготвување Национална стратегија за борба против дезинформациите со конкретни мерки и акциски план за имплементација, како и надградување на постоечките институционални капацитети за справување со дезинформациите и развивање нови.
Истражувањето покажува и дека потребно е да се организираат редовни обуки со сите лица за односи со јавноста во министерствата и Генералниот секретаријат на Владата, а истовремено, вакви обуки за новинарите да иницираат и нивните организации.
-Подготвување долгорочен Стратегиски план за транспарентност, во кој ќе бидат опфатени сите институции на државата, па дури и невладиниот и приватниот (бизнис) сектор; Формирање посебно, независно тело со експерти и стручни лица, независно од Владата, за следење на активностите и мерките за транспарентност – препорачува меѓу другото, Институтот за комуникациски студии.
Голем дел од дезинформациите се насочени против соработките на државата со стратешките западни партнери – велат од Владата
Од Владата се согласуваат дека во последните години дезинформациите значително се засилиле, но како што велат, по војната во Украина, тоа е забележано во сите земји членки на НАТО.
Во писмениот одговор до ММС, од Владата додаваат дека голем дел од дезинформациите со кои се соочуваат државните институции ги напаѓаат стратешките определби на самата држава.
Владата и институциите секојдневно работат на справување со дезинформациите, како на системски начин, така и во демантирање на истите на дневна основа, со цел да се спречат да стигнат до граѓаните и да предизвикаат штета. Во системското справување со дезинформациите, соработуваме со сите меѓународни партнери кои веќе работат на темата, домашниот граѓански сектор и медиумите – нагласуваат од владината прес служба.
Оттаму тврдат дека веќе се работи на втората Национална стратегија за транспарентност, со што институциите би ја подобрила транспарентноста.
Во однос на новинарското мислење дека транспарентноста на институциите неретко е само техничка, велат дека Владата постојано наложува, министерствата и останатите институции да ја подигнуваат својата транспарентност, преку објавување на податоци на своите официјални страни, преку брзо и целосно одговарање на новинарските и прашањата на граѓаните, преку одговарање на прашањата кои пристигнуваат, а се поврзани со информации од јавен карактер и така натаму.
Вања Мицевска