Министерството за правда се очекува денеска да го соопшти составот на работната група за измени на Уставот. Рокот што им беше даден од Министерството за правда на институциите и политичките партии во дописот за номинирање свој претставник во работната група истече на полноќ.
Засега се знае дека претседателот на државата во работната група ќе го претставува професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кажа дека Секретаријатот за европски прашања активно ќе учествува во работната група, но до вчера попладне не беше соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Во работната група експерт требаше да номинира и Министерството за надворешни работи.
СДСМ соопшти дека во работната група нив ќе ги претставува Цветанка Иванова, актуелна генерална секретарка на Собранието и поранешна пратеничка, Демократската унија за интеграција, пратеникот Арбр Адеми, Алијанса за Албанците пратеникот Ремзи Мехмеди, а свој претставник најави дека ќе делегира и Беса.
ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз информираа дека нема да учествуваат во работната група.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека уставните измени се нешто што е обврска на нашата држава во делот на пристапување во ЕУ и за оти за него беше очекувано кои партии ќе учествуваат, а кои нема да учествуваат во работната група формирана во Министерството за правда.
-Во државата имаме два концепти – едниот концепт се политички партии кои ја поддржуваат Северна Македонија членка на НАТО и на ЕУ и имаме втора група на политички партии предводени од Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, јас ова го кажав уште во септември минатата година, што се против членството на земјава во НАТО и во ЕУ. И тоа во историјата се потврдило, рече Ковачевски.
Тој додаде дека „подобрувањето на животниот стандард, воведувањето демократски институции на повисоко ниво, зачленувањето во ЕУ, не можат да бидат заложник на кариерата на еден човек, туку тие се обврска на сите пратеници во Собранието да носат одлуки што ќе обезбедат европска иднина на сегашната и на идните генерации“.
-Откако ќе бидат направени амандманите во Комисијата при Министерството за правда, тие ќе бидат дадени на јавна расправа пред академската заедница, пред невладиниот сектор, бизнис заедницата, медиумите, да се запознаат граѓаните и потоа ќе започне парламентарната процедура во Собранието, каде што постои уставна комисија и оди низ процедурите што важат за уставни измени, рече Ковачевски.
Тој потсети дека ова не се последни уставни измени, бидејќи, нагласи и пред влегувањето во ЕУ има уставни измени кога се даваат дел од надлежностите на Европската Унија како што тоа го направила секоја држава.
-И ова не е последното двотретинско гласање на патот до ЕУ. Пред нас имаме врз основа на скрининг извештаите што ќе ги добиеме реформа на правосудството – за тоа треба две третини, реформа на обвинителството, реформа на јавната администрација, реформа на децентрализацијата, и за тоа велам дека овој процес не може да биде заложник на еден човек, ниту пак процесот е процес на еден човек, една партија, или една влада. Ова е процес во којшто треба сите да учествуваат затоа што граѓаните заслужуваат да живеат во земја-членка на ЕУ ама тука дома, а не да живеат во земја-членка на ЕУ во туѓина да одат да работат, истакна Ковачевски.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го повтори ставот на лидерот Христијан Мицкоски дека уставни измени во овој парламентарен состав нема да има и оти „во недостаток на реални проекти СДСМ и ДУИ се како расипана грамофонска плоча со уставните измени“.
-Шест и пол години нема ниту еден поголем проект. Шест и пол години Македонија само тоне во сиромаштија, половина милион луѓе живеат со по 150 денари на ден, а власта која не нуди иднина, влегува од национална отстапка во национална отстапка, се наведува во соопштението од опозициската партија.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ, нагласуваат, е дециден и тој нема да се промени – уставни измени нема да има.
-СДСМ и ДУИ зборуваа за хрватски Устав, кога рековме истиот како модел да се преслика, тие ретерираа, се виде колку се Европејци. На виделина излегоа сите лаги и клевети, се виде која е целта. Уставни измени не може да се носат без консензус на македонскиот народ, консензус нема, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.
МИА