Андреј Китановски, Златко Стоиловски и Влатко Илиев се момчињата кои вчера вечерта во Италија во сообраќајна незгода ги загубија животите. Андреј и Златко се од Македонска Каменица, додека Влатко е од виничкото село Пекљани.
ММС стапи во контакт со некои од нашите иселеници во вој дел на Италија, кои се шокирани од трагедијата во која загинале нивни блиски пријатели и роднини.
Според нивните информации, Влатко е татко на две малолетни дечиња и во Италија доаѓал на привремена работа. Тој пред две недели заминал да работи сезонски.
-Така правеше, повремено, сезонски доаѓаше. Беше добро дете, израснал како сирак, заедно со неговите две сестри. Потоа се оженил и неговото семејство живее во Македонија, а тој доаѓа само за работа и се враќа, рекоа за ММС негови познати.
Братучед на Андреј, пак, за ММС рече дека ним од полиција им се јавиле уште ноќеска и дека заедно со вујковците на Андреј, кои исто така живеат во Италија биле на местото на несреќата.
-Андреј ми е братучед ама како брат да ми е, во Италија сме заедно. Тој е единствено дете на родителите. Се видовме пред една недела, бидејќи не живееме во ист град, јас сум во Алба, а тој во Асти. Но, често се гледавме. Андреј има и тројца вујковци тука. Не знам дали тетин ми и тетка ми ќе ја преживеат оваа загуба. Страдаа без него што дојде во Италија и ги остави сами ама тој сакаше да работи во Италија. Златно дете беше, на сите помагаше и беше многу вреден. Како ангел. Сам дојде, сам се снајде, сам створи се и автомобил и мотор купи и куќата на мајка му и татко му ја среди. Ние веќе во семејството имавме една трагедија, загина мојот брат во сообраќајка во Македонска Каменица, а сега и Андреј. Многу трагедии ни се случија во семејството, рече братучед му Стоичко Стоиловски за ММС и додаде:
-Овде секогаш на празници се случува трагедија, тоа е страшно нешто. Златко што го возел автомобилот има брат, заедно се во Италија и е прекрасно момче. Воопшто не пие алкохол и алкохолот не е причина за сообраќајката. Само има лоша кривина. Немало никакво кочење ниту од колата кај што биле нашите, ниту, пак, од комбето што го возело другото момче, кое е по потекло од Мароко. После долг прав пат доаѓа кривина од 90 степени. Кај што беше сообраќајката јас работев на таа кривина, тука многу сообраќајки се случуваат. Андреј, Златко и Влатко тргнале да излегуваат, и воопшто не биле под дејство алкохол, како што некаде прочитав. За Влатко не знам, но Андреј и Златко не се женети, над 10 години се во Италија, работеа на одржување на патишта, вели братучедот.
Сосед на Андреј и Златко во Саса за ММС рече дека Златко заминал со брат му заедно за Италија и дека е многу пристојно момче. И тој рече дека Златко, кој го возел автомобилот, воопшто не пие алкохол. Соседот на двете момчиња ни рече и дека утрово пред куќата на Андреј веќе пристигнала Брза помош.
-Брат ми за среќа е во Македонска Каменица, па утрово отиде со медицинска екипа да им кажат на тетка ми и тетин ми, на родителите на Андреја за трагедијата. Не знам како ќе го преживеат тоа, ни рече братучедот на Андреј и објасни дека утре вечер во црквата „Св. Архангел Михаил“ во Ниеве ќе се направи молитва за сите тројца и како што рекол отецот од црквата, тие ќе ги покријат трошоците за да телата на загинатите бидат пренесени во Македонија.
(В.М.)
Фото: Фејсбук