Не само замрзнатите цени, туку и дали во понудата има и се продаваат 70 проценти од количествата коишто трговците на големо на овошје и зеленчук ги продале во јануари и февруари., е предмет на интерес на пазарните инспектори, кои од изутрината се на кванташките пазари. Се контролираат Кванташки пазар во Скопје, Струмица и другите пазари на големо.
-Над 30 инспектори се на терен и вршат контроли по Одлуките на Владата. Во случај да се утврди прекршување на Одлуките ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија! Затоа апелираме да се почитуваат Одлуките на Владата, сооопшти Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат.
Работата на Пазарниот инспекторат ја најави вчера министерот за економија. Крешник Бектеши, кој рече дека на заедничкиот состанок со трговците на големо договорено е да се почитуваат определените цени, додека цените на доматите и краставиците ќе претрпат мало зголемување.
Различен е односот на трговците кон одлуката на Владата за определување на цените на 11 производи овошје и зеленчук, и покрај тоа што инспекторите се на терен. Вчера на зелените пазари и во некој од маркетите пиперот се продаваше по дури 230 денари, краставиците за 90 денари, доматот за 100 денари.