Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца македонски и еден албански државјанин осомничени за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Албанскиот државјанин, основач на правно лице – фабрика за одгледување медицински канабис во битолското село Кравари, неовластено организирал и заради продажба од просториите на фабриката изнел две вреќи со наркотична дрога – марихуана. Вреќите ги оставил пред влезот во фабриката од каде ги подигнале другите двајца осомничени со автомобил. Откако биле забележани од полициски службеници, тие се обиделе дрогата да ја исфрлат од возилото.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничените, од кои еден е лишен од слобода, а двајца се во бегство. На тројцата им е определен притвор во траење од 30 дена, при што за двете лица кои се во бегство притворот ќе започне да се смета од нивното пронаоѓање и лишување од слобода.