Лекарите и другите здравствени работници се најважниот капитал на здравствениот систем што треба да се почитува, заштити, поддржи и навремено надополнува за системот да биде во кондиција, да испорачува квалитетна здравствена заштита – порачаа денеска од Лекарската комора по повод одбележување на 7 Април, Светскиот ден на здравјето.
Пандемијата предизвикана од ковид-19 покажа дека заштитата на здравјето е од фундаментално значење за одржување на сите други системи во едно општество, поради што треба да се инвестира во сите негови сегменти, особено во здравствените работници кои се сржта на тој систем. Лекарите, како основни носители на здравствената дејност, очекуваат трудот кој го вложуваат да биде соодветно валоризиран, да имаат можности за професионален раст и развој и да се чувствуваат безбедно на работните места – велат од Комората.
Оттаму потсетуваат дека како стручно здружение водат Регистар на издадени, продолжени и обновени лиценци за работа, според кој има 9.520 активни докторки лиценци.
-Лиценците се издаваат со период на важење од 7 години, по што се обновуваат согласно законските услови. Минатата година 435 доктори на медицина положиле стручен испит и за првпат се стекнале со лиценца за работа. Трендот на миграција на лекарите е присутен, но кај нас поголем проблем е што имаме концентрација на голем број на лекари во Скопје – велат од Комората.
Од ЛК додаваат дека доколку се изнајдат механизми за редистрибуција на постоечкиот кадар, значително би се подобрила достапноста на медицински услуги на целата територија во државата. Сериозен притисок за наредниот период прави и старосната структура на лекарите кои сега работат, особено во одредени сегменти на здравствениот систем.
Според Комората, за да се задржат лекарите во нашата земја особено е важно и да се поедностави политиката за вработување во јавното здравство.
-На младите лекари неопходно е да им создадеме услови за вработување веднаш по завршување на образованието коишто ќе им гарантираат пристојни приходи, но и олеснување на условите за специјализација, за што се направија некои позитивни промени, но процесот сè уште не е завршен. Реформите во примарното здравство, исто така очекуваме да имаат позитивен импакт на ова прашање – додаваат од ЛК.