Српскиот стратег, Драган Николиќ нема да може да го предводи МЗТ Скопје Аеродром на утрешното гостување во Сплит поради коронавирус, а на клупата на македонскиот кошаркарски првак во дуелот во кој само со победа ќе ги задржи шансите за опстанок во АБА лигата ќе седи неговиот прв помошник Васко Атанасов.
„Повтореното тестирање пред заминувањето за Хрватска покажа дека Николиќ сè уште е позитивен, поради што беше донесена одлука да не тргнува на пат со цел да не се ризикува пренесување на коронавирусот и на другите кошаркари и членови на стручниот штаб. Поради иста причина во Сплит не замина ниту Андреј Андоноски, кој исто така беше тестиран позитивен на коронавирусот и кој нема да биде во тимот на утрешната средба“, соопшти попладнево МЗТ Скопје Аеродром.
Натпреварот во сплитската сака „Грипе“ се игра утре со почеток во 18 часот.
На две кола до крајот на регуларниот дел од сезоната МЗТ Скопје е последнопласиран на табелата со пет победи, една помалку од Борац на 13. место кое обезбедува разигрување за опстанок во АБА лигата.