Благодарност до ланците маркети и пиљарите кои ги намалија цените на 11 производи од овошје и зеленчук, индиректна закана до трговците на големо дека институциите знаат што тие прават при увозот. Министерот за економија Крешник Бектеши одговарајќи на новинарско прашање рече дека на пазарот по донесување на владината одлука за ограничување на цените, има многу аномалии. За попладнето, како што рече, организиран е состанок, на кој ќе учествуваат претставници на Финансиската полиција, инспекцијата и Царинската управа.
-Одлуката се применува од вчера и затоа за денеска свикавме координативна средба, затоа што мислиме дека има многу аномалии. Сакам јавно да укажам голема благодарност на ланците на супермаркети и да ги повикам увозниците да дојдат на средба. Да не бегаат од средба заедно со претставниците на стопанските комори, затоа што до крај ќе се почитуваат законските одлуки. Знаеме како работат од фактурите и двојните фактури, кои ги дале во нашата царина, изјави Бектеши.
По информацијата дека во некои од продажните места се повлечени гравот и леќата, а пазарната инспекција кажа дека е ненадлежна, Бектеши рече дека на овој координативен состанок ќе дадат натамошни насоки.