“Македонско девојче”, “Ако умрам ил загинам”, “Ај засвирете ми чалгии” “Битолчани мераклии”… се само дел од безвременските песни на композиторот, текстописец и пејач Јонче Христовски, кои беа отпеанивчера вечерта на концертот во НОБ, во присружба на Камерниот оркестар на Битола “IWConnect“ .
Концертот беше во чест на легендата, кој во аманет ни остави големо богатство- песни за навек, за срце, за душа, за љубов, за Македонија!
Пеење во глас и долги аплаузи за сите песни, а посебна еуфорија се создаде на „Едно име имаме“, песна која лежи во срцето на секој Македонец.
Виолета Томовска, Ристо Самарџиев, Ленче Кукиќ, Горан Кукиќ, Елена Андоновска, Душко Георгиевски, Петар Младеновски (Суперхикс) и Агни Авшар не потсетија на дел од неговата богата кариера со незаборавни рефрени.
Дел од нив зборуваа за Јонче, човекот со неверојатна харизма, кој во наплив на емоции на сцена остана запаметен по фрлање на палтото. Вчера дел од неговите сценски настапи изведе и Андон, актер од прилепскиот театар.
Ристо Самарџиев не само што отпеа две песни, туку и зборуваше за неговата прва средба со Јонче, која му оставила голем впечаток. Тој во побомеска верзија, каков што беше Јонче, ја отпеа „Ако умрам ил загинам“.
Секако, најмногу раскажа Виолета Томовска, која долги години соработувала со него, биле бриски пријатели и уште еднаш раскажа како се роди антологиската „Македонско девојче“. А на сцената беше присутна и ќерката на Виолета, Невена, заради која е напишана песната.
Уште една Невена вчера ги разнежни срцата на публиката, а тоа е ќерката на Јонче, која исто така се вика Невена и која се расплака и од срце се заблагодари на сите што допринесоа да се потсетиме на големиот уметник и легенда на македонската музика.
Два дена се славеа песните на Јонче, но идејата на Камерниот оркестар од битола не треба да застане тука, и нетреба да биде само Јонче. Македонија е полна со легенди чии песни не се заборавени, но заборавено е да се слави и споменува нивното име.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски