Двата големи пожари во Кочани и Малешевијата во август 2021 година, беа огромно и болно искуство за жителите и практичен приказ што се’ може да се загуби речиси во еден здив. Огнот проголта куќи, имоти, но и долгогодишни шуми, за кои ќе треба децении за обнова.
Во текот на 2021 година во државата се регистрирани 102 пожари, со штета од над 80 милиони денари.
Во пресрет на сезоната на пожари, драгоцено се научените лекции, додека за надлежните служби и институции, вклучувајќи ги и општините важни се и алатките и можноста за навремена интервенција.
Во некои од земјите како Шпанија, голем е обемот на користење на беспилотни летала за детекција на пожари и навремено реагирање. Во Бугарија се користат и противпожарни кули, кои алармираат.
Во пожарот во Берово словенечките пожарникари со себе донесоа современо беспилотно летало, кое значајно помогна во утврдувањето на границите на пожарот, како и превенција од ширење.
Во Кочани пак, помогна беспилотното летало од Касарната во Штип, кое е постаро од словенечкото, но се употреби за да даде важни податоци на спасителите и пожарникарите.
Леталото беше прикажано неодамна на смотрата пред граѓаните во штипската касарна, каде беше изложено со дополнителната опрема без која не може да функционира.
Како што објаснија војниците кои управуваат со него, беспилотното летало кое на себе има топлински и други сензори, дало важни податоци за границата на пожарот, опфатеноста во непристапните делови, присуството на чад и други податоци.
Се работи за летало од 90 сантиметри, кое се управува со џојстик и систем за управување. Не му е потребен полигон за полетување и тоа е практичниот дел.
Армиското летало се употребува и за откривање на мигранти и нивното движење, додека може да биде корисно и при сообраќајки, застои на пат, други елементарни непогоди, додека за воени цели е корисно за собирање на информации и друга логистика.
Конвенционалниот начин на користење на беспилотни летала, за време на гаснењето на пожарот, е пилот кој контролира дрон со помош на далечинскиот управувач. Овде, пилотот станува релејна точка на сите информации собрани од дронот. Термичкото снимање им овозможува на пожарникарите да ги идентификуваат жариштата и да видат дали колку се зафатени со огнот. Во ситуација после пожар, термално беспилотно летало може да изврши проверка на надворешните фасади на зградата и да ја испрати снимката во живо. Со добивање на визуелните, термичките и други снимки и ГПС податоци, може да се извршат анализи на опожарената територија, односно колкава површина е зафатена од пожар, геопозиционирање на пожарот, дали пожарот се проширува и на која страна, проценка на штета врз основа на споредба на постари снимки и слично.
Како изгледа и што значи примената на современи уреди за справување со пожар, вклучувајќи ги и термалните дронови, видовме со пожарот во Малешевијата од август 2021 година. Околу 300 австриски пожарникари и специјалисти, дојдоа со опрема во гаснењето на големиот пожар цело време работеа со сателити, дронови, ГПС уреди и ултра модерна технологија. Македонската јавност имаше ретка можност да види како функционира контролната соба од каде се следи состојбата на терен, се слеваат сите информации и се контролираа екипите на терен. Со помош на софистицираната опрема од контролната соба, се добиваа податоци Европскиот информативен систем за шумски пожари (ЕФФИС) при Европската унија, се следеше состојбата на теренот.
Во 2021 година, во гаснењето на пожарот во Сарај беа повикани четворица специјалисти од Франција кои работат со специјални дронови со термални камери. Нивната задача беше откривање на оган кој тлее и жешките точки што не се видливи од хеликоптер.
Во САД околу 1000 дронови се употребуваат за ургентни потреби, а околу 200 се специјализирани за гаснење пожар и медицински цели.
(В.К)
фото: ММС, flytnow