Интензивирањето на поддршката од Словенија во процесот на дигитализација на земјава, посебно во областа на поврзувањето меѓу државните институции, со бизнис заедницата од областа на информатичкото општество, во сферата на е-Влада и во дигитализацијата на јавната администрација, беа главни теми на денешната средба во Љубљана на премиерот Димитар Ковачевски со словенечката министерка за дигитализација Емилија Стојменова Дух.
Како што соопшти владината Прес-служба, премиерот Ковачевски рече дека споделувањето на словенечките искуства и позитивните практики во областа на дигитализацијата се значајни за земјава, во процесот на европските интеграции, но и на домашен план.
– Работиме на зголемување на бројот на електронски услуги кон граѓаните и бизнисите и сме фокусирани кон усогласување на националното законодавство со Европскиот кодекс за електронски комуникации, како и со Директивата на ЕУ за безбедност на мрежите и информациските системи и пакетот на алатки 5Г. Поврзувањето на владините институции, академската заедница, бизнис секторот, граѓанскиот сектор и генерално, дигитализирањето на процесите е важно и за подобрување на квалитетот на институционалните услуги, но и за ефикасна борба против корупцијата, бидејќи овој процес подразбира намалување на човечкиот контакт при некои услуги, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека министерката Стојменова Дух, која е со македонско потекло и стана дел од Владата на словенечкиот премиер Роберт Голоб е пример дека Република Северна Македонија има квалитетен кадар со којшто може да се гордее и надвор од државата, а целта на Владата е со напредокот во евроинтеграциите да ги мотивира младите луѓе да живеат и работат во родната земја, во којшто процес е значајна словенечката поддршка.
Претходно денеска во Љубљана премиерот Ковачевски се сретна со неговиот словенечки колега Роберт Голоб, и со словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни и европски прашања Тања Фајон.
Двајцата премиери потпишаа заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу двете држави, а една од областите на зајакната соработка ќе биде токму практичната поддршка на Словенија во натамошниот процес на преговори со Европската Унија.