Ниту еден театар во светот не може да постои ако го нема домашниот автор. Ние можеме да ги рециклираме туѓите приказни и да ги прераскажуваме. Но, она што ни е важно е сопствениот идентитет, начинот на третирање на сопственото минато и начинот на поставување на патеката кон сопствената иднина, која почнува од домашниот автор, односно од македонскиот драмски автор. Неопходно е да постојат многу повеќе македонски драмски автори на македонските сцени. Нема национален театар без национална драма.
Ова беа дел од пораките кои беа испратени денеска од страна на драмските автори, на трибината „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“ по повод 78 години од првата премиера на театарот.
Модераторката на настанот, проф д-р Ана Стојаноска го почна обраќањето набројувајќи ги авторите чии што текстови се поставувани на сцената на МНТ. Тоа се меѓу останатите Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Сашко Насев, Горан Стефановски и други.
Според статистиката, најигран македонски драмски автор е Коле Чашуле, одиграни се десет претстави од седум негови текстови, а на второ место е Дејан Дуковски.
„Сметам дека прашањето со кое прво треба да го отвориме, покрај сопствениот личен интерес, е зошто го немаме интересот за македонската драма, односно зошто тргаме да раскажуваме туѓи приказни наместо сопствените? Сите треба да се запрашаме зошто е тоа така и зошто треба да водиме сметка за домашната драма“, рече Стојаноска.
Таа испрати апел до сите македонски режисери, продуценти и директори на театри да посветат внимание на домашниот автор.
-Ние имаме нови автори, нови драмски автори. Треба повеќе да се читаат домашните автори, за да видиме дека имаме со што да се пофалиме. Ние секогаш гледаме како е во Европа и во светот, а дома имаме автори кои отвораат провокативни теми, кои зборуваат за сопственото искуство и во кое можеме да се препознаеме, посочи Стојаноска.
Според авторот, Сашо Димоски не можеме да зборуваме за национален театар, без да зборуваме за важноста на националната драма. Како што посочи, она кое што го врамува националниот театар во неговите примарни рамки, бездруго е нормативот на националната драма.
-Сметам дека е неопходно да имаме многу повеќе македонски драмски автори на македонските театарски сцени. Генерално, ние имаме недостаток од изведба на домашни текстови и од развојот во она кое ние денеска го нарекуваме современа македонска драма, а со тоа и театар, рече Димоски на денешната трибина.
Тој смета дека проблемот зошто недостасуваат домашните автори е многу сложен. Но, како што рече, главно проблемот лежи во недостатокот на стратегии за развојот на драмското современо писмо.
-Но, не е само во недостаток на стратегијата за развојот на драмското писмо, туку недостасуваат и стратегии за развојот на современите начини на кои се продуцира, се прави и се промислува театарот генерелно. Ние живееме во време чија парадигма е криза од кризи. Ако нешто само по себе е инспиративно, тоа се кризите. Сметам дека кога веќе имаме ваква општествена парадигма, авторот има многу што да понуди, доколку се занимава со контекстот на значењето, посочи Димоски.
Авторот Дејан Дуковски потенцираше дека драмскиот текст не е засебна работа во театарот. Драмскиот текст, како што рече, е идентитетот на театарот.
-Драмскиот текст е дел од театарската сцена, оној производ, ставен како некаква лична карта на некој друг, на времето во кое што била претставата. Текстот е тоа што сведочи за одредена претстава и останува како запис на крајот. Во суштина, драмскиот текст е идентитетот на театарот и на времето во кое што настанува, појасни Дуковски на трибината.
На сцената на МНТ досега се поставени/обновени над 400 претстави, а над 100 се дела на македонски автори од различни генерации.
МИА