Утре на средба со раководството на словенечката компанија Перутија – Птуј и македонската делегација која е во посета на Словенија, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, се очекува да се чујат намерите за инвестирање во Македонија. Во исто време, на словенечката компанија, која со своите производи со години е присутна на македонскиот пазар, ќе ѝ бидат претставени можностите за инвестирање.
Ова на денешната прес конференција во Љубљана, Словенија го најави премиерот Ковачевски.
-Словенија е петти инвеститор кај нас, според висината на инвестициите. Работат 40 словенечки компании, кои вработуваат 2500 работници, кои се со плати повисоки од просечната. Компанија Перутина Птуј е една од заинтересираните словенечки компании за инвестирање, за што утре со министерот за земјоделство Љупчо Николовски, ќе имаме состанок, изјави Ковачевски.
На заедничката прес конференција со словенечкиот премиер Роберт Голуб, беше потенцирано значењето на присуството на 1500 македонски студенти на словенечките универзитети, кои за премиерот Голуб се мост на соработка.
Двајцата премиери ја поздравија иницијативата на стопанските комори за привлекување на завршените студенти, назад, дома во Македонија, кои тука би го дале својот потенцијал, а не во земјите на Европската унија.