Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска пред десетина дена најави зголемување на казните за прекршоци против јавниот ред и мир , но сумите што ги предлагаат се навистина драконски со оглед на висината на хрватскиот приход.
Досега најголемата казна предвидена со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир изнесуваше 170 евра, а МВР за одредени прекршоци открива дека со предлогот за законски измени што го испратија на јавна расправа се предлага максималната парична казна да биде цели четири илјади евра, што значи дека максималната казна се зголемува за дури 23,5 пати.
Максималната казна со која државата сака да ги дисциплинира граѓаните за да не прават прекршоци против јавниот ред и мир сега може да изнесува речиси четири просечни плати, додека според сегашниот закон максималните казни се 16,7 отсто од просечната плата.
Максимална глоба од 4.000 евра така ќе им биде изречена на оние кои го нарушуваат јавниот ред и мир на јавно место „со изведување, репродукција на песни, композиции и текстови или носење или истакнување симболи, текстови, слики, цртежи“.
Казна од 700 до 4.000 евра му се заканува и на секој што ќе се докаже дека измислува или шири лажни вести кои го нарушуваат мирот и спокојството на граѓаните.
Истата казна е предвидена и за прекршокот омаловажување или навреда на државни органи , односно службени лица при вршење на нивната работа и за неовластено пукање со огнено оружје, пукање со ракети или слична експлозивна или запалива материја.
Но, граѓаните кои имаат малолетни деца треба да бидат особено загрижени за нивните финансии , бидејќи доколку нивното дете направи прекршок против јавниот ред и мир, а се докаже дека тоа е резултат на лошо воспитување или запоставување, може да платат и парична казна од 700 до 4.000 евра.