Германија и Италија се меѓу најатрактивните земји за работа на нашиот медицински кадар. Атрактивни се повисоките плати и подобрите услови за работа, како и заминување во пензија.
Покрај заминувањето во странство, како една од причините за намалување на бројот на медициски сестри, од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита ги посочуваат и измените на Законот за работни односи со кои се исклучи можноста за продолжување на работа и по 64 години. Така, по основ на старосна пензија, велат од Синдикатот, годинава ќе заминат 80 медицински сестри.
– Во посочениот период, од јавниот сектор заминале околу 70 сестри, додека од приватниот, одливот бил околу 120 медицински сестри. Во намалувањето на бројот на медицинските сестри кај нас, влијание имаат и измените во Законот за работните односи, со што се исклучи можноста за продолжување на работниот однос по 64 години, освен за оние вработени во дејноста за кои Законот за здравствената заштита дава можност за продолжување согласно законските измени. Па така, по овој основ, оваа година остануваме без околу 80 медицински сестри кои оствариле право на старосна пензија согласно закон, посочуваат од Синдикатот.
Во поглед на тоа во кои земји најчесто заминуваат здравствените работници, оттаму наведуваат дека конкретно медицинските сестри најчесто заминуваат во Германија, Швајцарија и Италија, а во последно време и во Хрватска.
– Она што со сигурност можеме да го кажеме е дека во земјите каде заминуваат медицинските сестри, има повисоки плати, што свесни сме дека е најбитно за работникот. За другите услови за работа на работните места во другите држави и остварувањето на останатите права од работен однос, не би можеле да дадеме мислење од причина што истото објективно може да се опише единствено од искуство на работник кој заминал во друга држава, додаваат од Синдикатот.
Велат дека во отсуство на нормативи и стандарди, не може прецизно да се каже дали има вишок или недостиг на одреден кадар на вработени.
– Но, евидентно е дека се соочуваме со недостиг на одредени профили на здравствени работници. Најголем недостиг на здравствени работници се забележува во профилите на медицински сестри, општи лекари и лекари специјалисти. Причините за заминување на работа во друга држава, се содржат во три приоритети – економски – повисока плата, политички – здравствената дејност сѐ уште не се третира како надпартиско прашање и професионален – подобри услови за работа и напредување, нагласуваат од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Од Синдикатот сметаат дека за да се задржат здравствените работници треба државата да покаже дека ги цени и почитува како работници кои работат во интерес на граѓаните и за општественото добро.
– Тоа најдобро може да се покаже со исправна и реална валоризација на нивниот труд, односно да има повисоки плати соодветни на комплексноста и благородноста на работата која здравствените работници ја вршат, особено знаејќи го фактот дека платата е примарниот фактор за заминување на овој кадар во други држави. Исто така, треба сите здравствени работници да бидат препознаени по образованието што го стекнале во текот на нивната кариера. Да се подобрат условите за работа во однос на кадарна и техничка опременост на работните места. Да нема ограничувања во остварување на реални права на вработените, кои се уредени како во соодветните закони, така и во Колективниот договор за здравствената дејност, како на пример право на регрес за годишен одмор, јубилејни награди и слично, посочуваат од Синдикатот.
При вработувањето и во самиот процес на работа, предлагаат од Синдикатот, да не влијаат партиските, националните и верските определби на кандидатите за вработување, односно на вработените.
Сметаат дека треба да има бенифициран стаж и за другите профили на здравствени работници, освен за лекариет, медицинските сестри и возачите во тимот на Итна медицинска помош.
– Ова е само дел од долгата листа на причини што може да создадат клима за задржување на здравствените работници во нашата држава, велат од Синдикатот.
Во одливот на здравствени работници, подвлекуваат, има удел и непочитувањето и насилството од страна на пациенти, нешто, што за жал, неретко се случувало.
– Од информациите што ни се достапни, се создава слика дека миграцијата на здравствените работници е глобален проблем, истата не се случува само кај нас, туку и во државите од регионот и пошироко. Синдикатот е во секојдневна борба и преговори со Министерството за здравство како социјален партнер за повисоки плати на сите вработени во дејноста што е најголемиот мотив за секој вработен, додаваат од Синдикатот.
Германија со најдобри услови за работа и заработувачка
Професор доктор Горан Димитров, претседател на Македонско лекарско друштво, за МИА вели дека точна статистичка бројка за одливот на лекари и медицински сестри во странство, за жал, нема.
– Но, според некои неофицијални сознанија, годишно земјава ја напуштаат околу 200 лекари, а околу 150 лекари заминуваат во пензија или дел од нив умираат. И со медицинските сестри и друг помошен медицински персонал, за жал, состојбата е слична. По стотина сестри ја напуштаа државава заради вработување во странство, истакнува Димитров.
Недостигот на лекари, но и на медицински сестри, според Димитров, е алармантен и мора под итно нешто да се преземе. Јавното здравство во земјава, вели тој, е речиси осакатено бидејќи во сите дејности има дефицит на специјалисти, а во внатрешноста на земјата состојбата е уште покритична.
– Гинеколози, анестезиолози, патолози, педијатри, ортопеди, отоларинголози, кардиолози, интернисти, ендокринолози, пулмолози… Дефинитивно ќе мора нешто итно да се преземе и реформите во здравствениот систем, покрај економската стабилност во земјава, да станат приоритет, бидејќи здравството се наоѓа пред реален колапс. Егзодусот на лекарите во странство, секако и на медицинскиот персонал, мора да се сопре, бидејќи наскоро нашите граѓани нема да има кој да ги лекува. Во внатрешноста на земјава, состојбата е уште покритична. Во одредени средини нема ниту општ, семеен лекар, нагласува Димитров.
Тој подвлекува дека според негови информации, недостигот на лекари и медицински персонал е присутен во целиот регион, а особено во земјите од бившите ЈУ простори – Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина…
Има добра продукција на медицински кадар, но проблематично е што постои концентрација на голем број на лекари во Скопје
Лекарската комора, професионално здружение на сите доктори на медицина во нашата земја, води регистар на издадени, продолжени и обновени лиценци за работа, според кој има 9.520 активни докторски лиценци.
-Лиценците се издаваат со период на важење од седум години, по што се обновуваат согласно законските услови. Комората, информациите за настанатите промени по различни основи, меѓу нив и за промена на местото на живеење или здравствената установа каде докторот работи, ги прибира исклучиво врз основа на информација доставена од самите лекари. Според ова, во Регистарот се евидентирани вкупно 179 лекари со активни лиценци, кои дале податок дека работат во странство. Но, оваа бројка не ги вклучува оние кои до Комората не доставиле податок дека се преселиле во странство, како и оние на кои им истекла лиценцата и веќе не ја продолжиле во Комората, а за што причина може да биде и тоа што не вршат лекарска дејност во нашата земја, потенцираат од Лекарската комора за МИА.
Согласно своите надлежности, исто така, Комората издава потврда, „good standing certificate“, на докторите дека се членови на Комората и дека против нив не се води постапка пред Судот на честа при Лекарската комора. Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти како и на оние кои заминуваат да живеат и работат надвор од нашата држава.
-Во 2020 година се издадени 122 потврди, 2021 година 187 потврди, а минатата година се издадени 174 потврди. Но, четириесетина од овие доктори, секоја година еднаш или двапати ја вадат потврдата, што покажува дека не работат во странство, туку одат на усовршување, велат од Лекарската комора за МИА.
Миграција на докторите не е нов феномен и има пошироки размери, се наведува во нивниот писмен одговор на прашањата на МИА, а е поврзана со глобален недостиг на лекари, што се должи на повеќе фактори, како што се зголемувањето на животниот век на популацијата и зголемување на популацијата, а со тоа и инциденцата на одредени заболувања, свесноста и грижата за сопственото здравје и слично.
– Бројката од 9.520 активни лиценци и 435 нови доктори кои положиле стручен испит минатата година, покажува дека имаме добра продукција на медицински кадар. Трендот на заминување на лекарите е присутен, но, кај нас поголем проблем е што имаме концентрација на голем број на лекари во Скопје. Доколку се изнајдат механизми за редистрибуција на постоечкиот кадар, значително би се подобрила достапноста на медицински услуги на целата територија. Исто така, треба да се напомене и дека еден подолг период, кој траеше десетина години и заврши во 2017 година, имаше многу малку државни специјализации, на што и се должи недостигот на кадар, кој сега се јавува по одредени болници. Сериозен притисок за наредниот период прави и старосната структура на лекарите кои сега работат особено во некои сегменти на здравствениот систем, децидни се оттаму.
За да ги задржиме лекарите во нашата земја, од Лекарската комора мислат дека треба да се поедностави политиката за вработување во јавното здравство.
– За младите лекари важно е да им создадеме услови за вработување веднаш по завршување на образованието, кои ќе им гарантираат пристојни приходи, но и олеснување на условите за специјализација, за што се направија некои позитивни промени, но, процесот сѐ уште не е завршен. Реформите во примарното здравство, доколку се донесат, исто така очекуваме да имаат позитивен импакт по ова прашање. Младите лекари се мотивирани и амбициозни да постигнат повеќе, поради што од големо значење за нив е и постоењето на можност за стручно усовршување во текот на работата, соопштуваат од Лекарската комора.
На протестот на здравствени работници пред Клиничкиот центар на 22 февруари, беше кажано дека е голем одливот на медицински сестри и како што беше нагласено, пет до шест илјади ја напуштиле земјава последниве три до пет години.
МИА