Еден функционер со својата плата според новата пресметка покрива две ипол Синдикални минимални кошници или еден функционер по најновните пресметки вреди колку десетчлено семејство и истиот може со само една своја плата да покрие основни трошоци за две ипол семејни домакинства, а според пресметките за износот на Синдикалната минимална кошница на Министерот за економија, една фукционерска плата покрива три Синдикални минимални кошници – реагираше денеска Сојузот на синдикати на Македонија.
Синдикалците се жалат дека за фунционерите важат едни правила, нивните плати можат да ја имаат просечната плата како основна плата по која се множи коефициент на сложеност, а за работниците не смее ниту минималната плата да биде основна плата по која ќе се множи коефициент на сложеност.
-Владата може да не почитува закони и колективни договори кога тоа значи зголемување и усогласување на платите на работниците, а мора да почитува закони и судски одлуки кога платите за фунционерите несразмерно се зголемуваат во сооднос со платите на работниците. Нехумано и нечовечки е фунционерите да уживаат, а работниците да преживуваат – велат од Сојузот на синдикати.
Во денешната писмена реакција Сојузот потсетува дека токму работниците ги бираат функционерите, а не обратно!