Во Скопје со повеќе настани денеска се одбележува 1 април – Денот на шегата. Вообичено, на овој ден дефилираат најмладите маскирани во суперхерои, принцези, ликови од цртани филмови.
По овој повод, забавен и интересен настан за децата во Скопје ќе биде организиран заедно со нивните омилени ликови од „Светот на Биби“. На Априлијадата добредојдени се сите дечиња со маски и без маски, како и нивните родители, баби и дедовци.
Поради огромниот интерес за детскиот балетски спектакл „Петар Пан“, денеска на Денот на шегата и маските, во Националната опера и балет ќе се одржат две претсатви.
Петар Пан, капетанот Кука, Ѕвончица, Венди, индијанци, пирати.., ги повикуваат децата да дојдат маскирани и да ја гледаат претставата, сите заедно да станат голема сцена и на вистински начин да го прослават 1 април: маскирана публика, маскирани актери, многу забава, музика, заразни сонгови што се паметат, танцување… Заедно, од деца за деца, бидејќи во Петар Пан учествуваат по 57 деца (во двете постави) од балетското студио „Арт Балет“.