По само два месеци од масовното убиство на кучиња од Струга, кога вооружани лица среде бел ден стрелале во жива мета по улиците на Струга, фрапантно кршејќи закон; сведочиме на јавно охрабрување за убивање на кучињата, велат од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ во отовреното писмо до градоначалникот Рамиз Мерко
-И тоа не изјави на некој обичен граѓанин туку првиот човек на Струга, кој очигледно залутал во дејност чија одговорност не ја разбира. Рамиз Мерко, ова не е племенски сојуз, туку држава! Законите, стратегиите постојат за да се унапредуваат, а со идеите за тендери со ловни друштва и убивање на секое куче од улица, закана сте по сѐ што е цивилизациска придобивка, претставувате опасност и ја срамите Струга. Ова е говор на омраза кој промовира и поттикнува насилство за што треба итно да се биде казнет! Со вакви сфаќања, повици и изјави човек не смее да биде политичар, уште помалку градоначалник на град и атрактивна туристистичка дестинација во нашата држава, велат од „Анима мунди“ и додаваат:
-Од една страна Струга со сите свои убавини, од друга градоначалник кај кој личи дека општествената еволуција застанала, за кого емпатија и хуманост се непознати поими а насилството, безредието, убивањето животни посакувана норма. Компаративно одобрување на помало убиство – животно, не може никогаш да го прави истото дело оправдано. Посочуваме и дека во изјавата Рамиз Мерко кажува како жител од село Мислешево убил и натоварил цел трактор со мртви кучиња, бараме институциите, обвинителелството веднаш да постапи по овој случај на кој Мерко е очигледно сведок и да биде повикан на распит. Воедно легитимно е да се праша дали градоначалникот на Струга ги поттикнал или ангажирал оние кои во јануари стрелаа бездомни кучиња по градот, загрозувајќи ја безбедноста на сите, а притоа никој да не одговара до ден денес. Одговорност мора да има ако целиме кон правичност и правда, а не кон девијација на и она малку нормално што остана од/во нашава држава, се вели во писмото.