Владата на денешната седница донела одлука Македонија на Украина да донирa хеликоптери на Министерството за одбрана на Украина и утврдила текст на Протокол за таа намена.
Според информациите од прес-службата, Владата ја разгледала и усвоила Информацијата за потреба од склучување Протокол за донација на воздухоплови (хеликоптери) помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Украина и донела Одлука за донација на воздухоплови (хеликоптери) на МО на Украина.
Нема информации за колку хеликоптери се работи, ниту за видот на воздухопловите и податоци како година на производство или употреба.
Македонската јавност од телевизиско гостување на министерката за одбрана Славјанка Петровска дозна дека Украина ќе добие нова македонска донација од 12 хеликоптери, кои се од постар датум, а во тек е набавката на осум нови.
Најавена е донација на хеликоптери „ми-24“од руско производство, што за потребите на Армијата во 2001 година се набавени од Украина, За овие хеликоптери уште пред осум години се истечени ресурсите, застарени се и не се користат поради тоа што нема резервни делови. Според изјавата на министерката Петровска, ќе бидат набавени и нови повеќенаменски хеликоптери од западно потекло. Што се однесува до хеликоптерите што ќе ги донираме, се работи за воздухоплови со постара технологија.
-Некои од нив се модернизирани – односно два, меѓутоа таа модернизација била приспособена на тие услови тогаш и апсолутно не соодветствува со она што е потребно сега, па дури и ако сакаме да зборуваме за развој на технологиите – рече Петровска.
Што се однесува до набавката на нови хеликоптери, од Министерството за одбрана соопштуваат дека е согласно планот за модернизација на Армијата, и се работи Интегриран проектен тим кој е во фаза на евалуација на понуди од различни производители, за набавка на повеќенаменски хеликоптери за потребите на Армијата, но и за цивилна заштита и спасување.