Се хранам здраво, живеам здраво, позитивна сум, пишувам, се дружам со луѓе. Меѓутоа, јас имав тага во галони. Со овој цитат од писателката Исидора Бјелица, тв ѕвездата Лила Филиповска го почна своето обраќање вчеравечер посветено на нејзината борба со ракот на дојка.
Лила говореше на промоцијата на книгата „Ти си таа“, автобиографско дело на Србинката, Ана Дорник. За време на промоцијата на книгата во Скопје, Лила преку инспиративен говор го сподели своето искуство и порача дека ракот не е непобедлив.
„Чувствата се тие кои се причина за многуте болести. Јас знам од каде сето тоа потекнува и јас бев лута сама на себе затоа што мислев дека сè можам да контролирам. Освен што прележав ковид јас во мојот живот немав никаква друга болест, ниту притисок, ниту холестерол ама никаков проблем ни хроничен ни акутен. Јас живеам здраво и бев лута дури и кога се заразив со ковид, си велев како можев да дозволам ковид да прележам“, раскажа Лила.
Таа сподели дека по загубата на татка си се соочила со огромна тага, но љубовта кон нејзиниот син и кон нејзината мајка придонела да продолжи напред. Сепак, стресот си го направил своето.
-Јас потсвесно знаев дека тоа мора некаде да „удри“. Тоа и се случи – посочи Лила.
Нема компромис, избираш да се бориш
Кога ја добила дијагнозата била изненадена, но истовремено како што рече, тоа ѝ било и очекувано.
-Разговарав сама со себе и си реков „виде сега што направи?“. Е сега како дозволи да влезеш во „кашава“, така има сега да излезеш. Не постои компромис. Нема тука хероини, изборот е или легнуваш, или се бориш со сите сили, размислуваш на позитивен исход – децидна е Лила.
Кога ѝ соопштиле дека има карцином, таа вечерта веќе размислувала како ќе биде излечена и знаела дека нема откажување на патот до оздравување.
-Размислувам колку време ќе ми треба, си помислив мојата кариера е пред очите на јавноста, јас живеам од тоа. Ако јас сега легнам и кажам „готово, тоа е тоа“, од што јас ќе живеам? Првин, го сакам животот и сакам да живеам. Второ, докторот којшто ме оперираше во Турција ми рече Лила ти не си болна, само ќе го отстраниме тоа што треба – раскажа познатата водителка.
Таа истакна дека понекогаш е добро да се плаче, но призна дека самата често се воздржува да пушти солза.
-Тоа не е за браво, подобро е кога плачете. Тоа што ретко плачам е една од причините поради кои ова ми се случи. Јас од инает плачев и тоа само два пати – истакна Лила и сподели дека првиот најтежок момент ѝ бил непосредно по операцијата, а другиот кога дознала дека ќе ја изгуби косата.
-Кога поминаа два дена од операцијата јас во ноќницата со подвижна инфузија се движев по ходникот и си велев „Боже, што ми се случи“? Не се прашував „зошто мене“ оти знам дека тоа не е вистинското прашање. Не сум само јас, за жал. Си реков „како си го дозволив ова“ и тогаш заплакав – раскажа Лила и додаде:
„Јас си мислев дека ќе добијам некоја хемотерапија од која нема да паѓа коса. Јас цел живот многу сакам долга коса, па носев сешто, и локни и пунџи… Во животот не сум била вака кратко шишана. Кога ми кажа докторот дека не постои магична хемотерапија и дека кај жените заболени од рак на дојка паѓа косата, тоа ми беше второ плачење. Но тој ми кажа дека од сето ова ќе излезе нешто добро. Тоа добро е тоа што сум сега тука“, порача Лила.
Бодрејќи се самата себе, неколку дена по операцијата таа веќе се шетала по истанбулските улици, а кога ѝ паднала косата пак, тоа не било толку страшно како што замислувала.
-Кога ми падна косата мислев дека ќе плачам, се погледнав и си реков тоа е тоа, жени и намерно се шишаат ќелави. Си реков „убава сум“ и си ставив перика – се присети Лила.
Таа раскажа дека додека била на хемотерапија веќе почнале да се шират гласини за нејзината здравствена состојба, но не сакала да разговара бидејќи како што вели, ѝ требало време за себе во кое нема да ја споделува тагата.
Јас и претходно бев онаа Лила која јас сакав да бидам. Бев задоволна од тоа која сум, но сега се промени тоа што сега имам повеќе време за себе. Јас го правам тоа што мене ме прави среќна – изјави Лила.
Таа се присети и на моментите во кои медиумите беа полни со содржини посветени на неа. Додека порталите пишуваа дека таа носи перика, коментарите се движеа од крајност во крајност. Некои не веруваа дека таа има дијагноза рак додека постојано се фотографира и сметаа дека носи перика од бес, други го коментираа сосема спротивното.
Лила пак, низ насмевка вели дека тоа ѝ било комплимент затоа што целиот процес успеала да го помине на нозе.
-Мене тоа ми беше комплимент, јас сум успеала изминатата година да ја поминам на нозе стандардно и јас сум доволен доказ дека никогаш болеста не смее да се доживува така. Ако некој ти каже дека имаш рак не треба да лежиш и да болуваш, јас не размислував на тоа. Јас ги броев хемотерапиите, чекав побргу да поминат. Сè што правев, правев за себе и успеав да направам луѓето да не веруваат. Ова е сериозна дијагноза, но кога си силен во умот ќе поместиш и планини – заклучи Лила.
На крај, таа упати порака до сите кои го поминуваат ваквиот пат:
„Молете се и имајте нешто свето, тоа е убаво. Тоа го научив на хемотерапија. Сите другари беа со мене, но на хемо јас сум таа што ја дава раката и ја прима терапијата. Таму сте ти и Бог. Мене тоа многу ми помогна“, сподели Лила.
Првпат за оваа борба, Лила Филиповска прозборе во интервју на почетоков на месецов, кога откри дека има измешани емоции, но одлучила да раскаже за својот сериозен проблем бидејќи повеќе од две децении ја споделува својата интима со публиката.
(В. Ми)