Само четири лекари специјалисти од потребните 15 се вработени во Комисијата за оцена на работната способност . Ова е состојба од 2021 година, што во својот извештај го констатира Државниот завод за ревизија. Со извршениот увид на ревизорите утврдено е дека бројот на лекари во Комисијата, е идентичен во однос на констатираниот број во извештајот од извршената ревизијата за 2020 година.
-Пополнувањето на испразнетите работни места е отежнато поради слабиот интерес за вработување заради висина на платата, со што значително е отежнато функционирањето на оваа Комисија. Во 2021 година оваа состојба е времено надмината преку ангажирање на 8 лица со договор на дело, меѓутоа изнаоѓање на одржливо долгорочно решение би обезбедило навремено и компетентно извршување на надлежностите на Комисијата, дотолку повеќе што Комисијата постапува и по доставени барања согласно член 2 од Законот за вработување на инвалидни лица и член 178 од Законот за работни односи доведува до дополнителни активности на Комисијата за кои со закон не е предвидена Фондот да врши наплата на соодветен надоместок, пишува во ревизорскиот извештај на ДЗР.
Следен проблем што е нотиран од ревизорите е тоа што не е воспоставена електронска поврзаност на архивата на Комисијата за оцена на работната способност во Фондот со Комисијата за ревизија во МТСП, односно не е обезбедено интегрирање во информацискиот систем на Фондот и покрај тоа што е обезбедена целокупната техничка поддршка од страна на Фондот.
-Поради тоа, предметите и понатаму циркулираат во хартиена форма со оригинална документација, што создава ризик од губење или оштетување на истата. Ваквата состојба во континуитет е истакнувана од страна на ревизијата, но истата не е надмината и влијае на запазување на предвидениот рок за вршење ревизија и утврдување постоење на инвалидност или неспособност за работа.
Во одговор од ПИОМ до ревизорите, состојбата би ја подобрил СИАП проектот за воспоставување Централно координативно тело (единица) за утврдување инвалидност (CDCCU). Оваа активност ја спроведува Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Со цел решавање на отворените прашања, ДЗР препорачува изнаоѓање на одржливо решение за пополнување на предвидените работни места во Комисијата за оцена на работната способност. Потоа координирање со Комисијата за ревизија за воспоставување електронска поврзаност на двете комисии односно интегрирање со електронскиот систем на Фондот и најпосле активно учество на Фондот преку свои претставници во проектот за воспоставување централно координативно тело за утврдување инвалидност.