На јавниот оглас за прием на нови обвинители во 16 обвинителства и поодамнешните за четири места во Вишото јавно обвинителство во Скопје и Јавното обвинителство за гонење на корупција, се пријавиле 36 кандидати. Меѓу нив и повеќе споменувани звучни имиња. Синот на Талат Џафери, Барлет е кандидат за Основното обвинителство во Гостивар, каде за три места, конкурирале шест. Негов противкандидат е Илир Јакупи, син на Субхи Јакупи, кој во два мандата беше член на ДИК, а стана судијата во Вишиот Управен суд по предлог на ДУИ. Сопругата на наследникот на Вилма Рускоска во ГОКК, Ислам Абази, Абдулена Абази се пријавила за Основното јавно обвинителство во Кичево, каде има три огласени места, а само двајца пријавени. Шефот Абази се повлече од членството во Совет на јавни обвинители, тело кое треба да одлучува за изборот на неговата сопруга.
Токму за обвинителствата во Гостивар, Велес и Скопје има најголем интерес, додека за обвинителствата во малите градови има по еден пријавен. Интересно е што за Тетово, каде има шест празни места се пријавиле само тројца кандидати или за Куманово каде огласот е за двајца има само еден пријавен.
За испразнетото место шеф на штипското јавно обвинителство, од каде Ристе Бојаџиски напредуваше и стана виш јавен обвинител, се пријавила Татјана Кацарова, која е актуелна в.д. обвинителка.
Советот на јавни обвинители на седницата од 2 март донесе одлука за распишување на јавен облас за прием на обвинители во обвинителствата во Гостивар (3 – пријавени 6), Струга (1 – пријавени 2), Тетово (6 – пријавени 3), Велес (1 – пријавени 5), Кичево (3- пријавени 2), Битола (2- пријавени 2), Дебар (1- пријавен 1), Прилеп (2- пријавен 1), Куманово (2 – пријавен 1), Свети Николе (1 – пријавен 1), Делчево (1 – пријавен 1), Охрид (2 – пријавен 1) и Штип (1 – пријавен 1).