Шест пензионерски здруженија од пет скопски општини незадоволни од работата на раководствата на своите здруженија и на Сојузот на здруженија ќе протестираат утре пред просториите на Сојузот, а во очи на Изборното собрание на СЗПМ, во вторник.
Како што информираат од иницијативниот одбор, организатор на протестот, тие се незадоволни од досегашното работење на пензионерската организација во целост и ќе бараат коренито менување на состојбите.
Реагираат на нечесното, нетранспарентно, непродуктивно трошење на пензионерските пари, кои на име на членарина по сила на закон, се слеваат во здруженијата и во Сојузот. Реагираат и на нелегитимните и според нив нефер избори во здруженијата, на автократското однесување на поединци, кои откако ќе дојдат до одредена функција тука остануваат доживотно.
На утрешниот протест ќе побараат продуктивно располагање со паричните средства на транспарентен и законски начин по однапред утврдени финансиски планови, со првенствено користење на огромниот човечки потенцијал со кој обемно располага пензионерската организација, поништување и повторување на изборите онаму каде има и најмала индиција и било каков сомнеж за злоупотреби, прикриеност, фаворизирање и фалсификат. Да престане праксата на избори без однапред пропишани правила, бидејќи, во тој случај, секој избор е прифатлив од аспект за оној на кого треба да му послужат.
„Да ги избереме најдобрите, а не ,докажаните“ по теркот за моќниците во Сојузот и во Здруженијата: чесни, вредни, способни, со демократски профили и храбри. Такви има многу меѓу нас. Наше е да им дадеме доверба за да блесне целокупното пензионерското дејствување,“ вели Славко Лазовски, член на Иницијативниот одбор.
Ќе се одржат два протести. Едниот ќе биде утре во 11 часот, вториот ќе биде наредниот ден на 29 март, со почеток во 10 часот, кога треба да се одржи и Изборното собрание на СЗПМ.