Отпочнат е вонреден надзор кој треба да покаже што точно се случувало вчера во Болницата во Битола каде животот го загуби шестгодишната, Јана. За ова информираше премеирот Димитар Ковачевски кој рече дека директорот на Болницата денеска доаѓа во Скопје на состанок со министерот за здравство, но и со неговата заменичка.
„Информирано е и Јавното обвинителство во однос на овој случај. Сите детали откако ќе ги имаат надлежните институции ќе бидат споделени со јавноста. Врз основа на факти треба да се утврди објективната состојба што се има случено таму и врз основа на тие факти да се направат соодветни санкции таму каде што ќе биде потребно“, рече Ковачевски.
Одговарајќи на новинарските прашања за овој случај, министерот Фатмир Меџити кусо посочи дека кога вчера слушнале за случајот веднаш постапиле. Според него, службите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат се веќе таму и се чека исходот.
„Директорот на Болницата е на пат кон Скопје. Со семејството не сме имале контакт, ќе имаме контакт со нив, но го чекаме исходот од Државниот санитарен инспекторат и веднаш ќе бидете известени за сè во текот на денот“, изјави Меџити.
Во меѓувреме, во врска со случајот со смртта на малото девојче веќе постапува и Основното јавно обвинителество – Битола од каде соопштија дека причината за смртта се уште е не утврдена.
-Бидејќи неколкумина прашуваа веќе денеска за настанот во болницата во Битола – Основното јавно обвинителство Битола издава наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки. Причината за смрт на девојчето се уште не е утврдена – велат од Обвинителството.
Случајот со смртта на малата Јана ја разбранува јавноста откако нејзиниот татко раскажа дека таа починала откако ѝ била дадена инфузија со гликоза, иако имала покачен шеќер.