Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг во петокот издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го дека е одговорен за воените злосторства во Украина, кои Москва ги нарече бесмислени, а Киев објави дека тоа е „само почеток“.
Токму ова обвинение беше предмет на неделна дискусија на руската државна телевизија, а водителот на емисијата, истакнат сојузник и пропагандист на рускиот лидер, Владимир Словјов, се закани дека секоја земја што ќе го уапси Путин може да се соочи со нуклеарен напад.
„Обидот за задржување на Путин веднаш ќе резултира со нуклеарен напад“, рече Соловјов на „Русија-1“, како што пренесува „Њузвик“.
МКС повика на апсење на Путин под сомнение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и нелегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација.
„Злосторствата, наводно, биле извршени на украинската окупирана територија барем од 24 февруари 2022 година. Има разумни основи да се претпостави дека Путин сноси индивидуална кривична одговорност за гореспоменатите злосторства“, соопшти МКС во петокот.
Соловјов води и радио емисија на станица под контрола на Кремљ, а минатата година американскиот Стејт департмент го вклучи Соловјов на листата на познати личности вклучени во руската пропаганда, наведувајќи дека тој „може да биде најенергичниот пропагандист на Кремљ денес“.
Во понеделникот, новинарот на Би-Би-Си, Френсис Скар, на Твитер објави снимка од преведено видео на кое е прикажана реакцијата на Соловјов на обвинението, на кое се гледа како пропагандистот на Путин повикува на нуклеарни напади врз земјите кои се усогласени со обвинението од Хаг, пренесува Н1.