Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) бара од Владата да го либерализира пазарот на трудот, да се зголемат квотите за увоз на работна сила и да се елиминираат бариерите кои го спречуваат регрутирањето на работна сила од други земји.
Комората бара и да престане замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи и наместо тоа да се најдат други можности за намалување на цените за крајните корисници, како што се намалување на даноци и ДДВ и интервенирање преку државните резерви.
– Состојбата со пазарот на трудот во Македонија е многу алармантна, бидејќи нашите млади заминуваат во странство. Приоритет на Владата треба да и биде да го либерализира пазарот на трудот со земјите од регионот што е веќе започнато со некои земји. Бараме тоа да се направи и со Косово и да ги елиминира бариерите кои го спречуваат регрутирањето на работна сила од други земји, рече претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека мора да се зголемат квотите за увоз на работна сила дури и од Азија, бидејќи има недостиг на работна сила во земјава особено во угостителството, туризмот и градежништвото. Пред тоа да се направи, додаде, мора да се искористат сите капацитети кои ги имаме во земјава.
– Агенцијата за вработување треба да биде поажурна и тие што се пријавени за невработени да се вклучат во работната сила и да се вработат во компаниите кои бараат работна сила. Од ден на ден нашата земја останува без работна сила, иако во последните три години дипломирале околу 15 илјади студенти, но за жал тие заминуваат во странство. Се согласуваме дека треба да расте минималната плата, но настојуваме да се зголеми и средната (најчеста) плата на 500 до 600 евра, а не просечната, за колку толку да се спречи одливот на кадри во странство, рече Ќира.
Според него, за тоа да се направи треба да се намалат придонесите на плати, кои како што вели, во нашата земја се прогресивни и се многу високи.
– Бараме од Владата да се намалат придонесите за да можат да пораснат и другите плати, а не само минималната. Компаниите веќе можат да исплаќаат средна плата од 500 до 600 евра, но за тоа да се случи мора да се намалат придонесите кои стартуваат од 46 отсто од платата и се прогресивни. Тоа значи што поголема плата даваш, толку повеќе имаш давачки, а од друга страна нема никаков фидбек во делот на здравството каде што и тој што плаќа 150 евра придонеси и тој што плаќа 500 евра имаат ист третман, потенцира Ќура и додаде дека Владата мора да интервенира во овој дел и заедно со работодавачите да го ублажи одливот на кадри од земјава.
Како многу битен проблем, тој го истакна и замрзнувањето на цените на основните производи.
– Инсистираме да се престане со замрзнувањето на цените и да се најдат алтернативи, односно да се интервенира со државните резерви и да се побараат други можности за намалување на цените за крајните корисници како што се намалување на даноци и ДДВ, рече Ќура.
Тој посочи дека имале контакти со властите на тема на замрзнување на цените и додаде дека се против тоа, зашто стопанството се уште е во криза иако не како во време на пандемијата и енергетската криза.
– Сите производи треба да бидат на слободен пазар и не се согласуваме тие да се замрзнат и да се централизираат. Ние сме демократска држава во која слободниот пазар е главен столб на стопанството. Нормално дека сакаме цените да бидат попристапни за крајниот потрошувач и тој да се помогне, меѓутоа не со контрола на цените, туку со намалување на даноци и ДДВ и други интервенции. Има можност тоа да се направи и да се зачува слободниот пазар, бидејќи дава реална цена и квалитет на стоката и производството. Во спротивно со замрзнувањето на цените ќе имаме неквалитетна стока на пазарот, бидејќи некои компании не можат да ги издржат замрзнатите цени, рече Ќура.
Патната инфраструктура – проблем за бизнис секторот
Претседателот на СКСЗМ нагласи дека земјава има проблем и со патната инфраструктура, а како пример ги посочи патните правци Скопје – Блаце и Кичево – Охрид – Струга.
Претседателот на Индустриската зона „Визбегово“ и потпретседател на СКСЗМ, Нухи Алиу посочи дека зоната со повеќе од 5.000 вработени генерира годишен приход од преку 800 милиони евра, има преку 40 милиони евра годишен профит и учествува со 7,5 отсто во БДП на државата, а се соочува со огромни инфраструктурни проблеми, иако профитот што го остварува целосно останува во земјава.
– Индустриската зона „Визбегово“ со години има инфраструктурни проблеми и уште функционираме со септички јами, кои самите си ги правиме. Мислејќи дека ќе најдеме начин за надминување на состојбите имаме деловни контакти со Владата и со локаната власт, зашто зоната припаѓа на три општини – Бутел, Карпош и Чучер Сандево и на Град Скопје. Направени се некои минимални инвестиции од буџетот на општините и од Министерството за транспорт и врски кои воопшто не ги решаваат проблемите. Станува збор за единствена зона која го полни Буџетот и не е како другите зони кои и она што го произведуваат не го оставаат тука и го носат надвор заедно со профитот кој го остваруваат, рече Алиу.
Досега, додаде тој, не сме имале некоја поголема поддршка и се што е направено во зоната е направено со инвестиции од приватниот сектор.
– Јавно ги повикуваме државата и локалната власт повеќе да мислат за зоната и повеќе да бидат присутни во неа и да ги решат елементарните инфраструктурни потреби што ги има, а да не зборуваме за главниот и споредниот пат во зоната кои се во катастрофална состојба. Дури и инвестицијата на Министерството за транспорт и врски во делот на водоводот и канализацијата се уште не е приклучена и работите се толку лошо изведени, посебно кај шахтите кои не се адекватно наместени и се опкружени со бетон наместо со асфалт, поради што може да предизвикаат многу сериозни проблеми и последици, посочи Алиу.
Тој истакна дека заедно со Комората воопшто не може да дојдат во контакт со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
– Инсистираме откога стана градоначалничка да имаме комуникација, но никако не можеме да дојдеме до неа и да имаме некоја средба иако во предизборието беше во зоната и вети дека ќе биде еден од приоритетите во нејзината програма, потенцира Алиу.
МИА