„Не доаѓаме од канцеларии или телевизиски екрани, туку од војски и војни, за да урнеме стар систем и да воспоставиме систем на еднаквост. Никој не треба да се плаши од фронтот на ДУИ“. Вака синоќа во Чаир на партискиот собир зборуваше Али Ахмети, лидерот на ДУИ, кој упати порака и до фракцијата на „Огнените“:
– Зборував со многу политички лидери, ви кажав да ги оставите на страна гневот и горчината, но да се обединиме и да ја направиме оваа земја Европа. затоа што членството на нашата земја во ЕУ е најголемата услуга што можеме да им ја направиме на албанските семејства со запирање на имиграцијата. Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда, затоа Артан, ние не сме воз туку незапирлив ураган, не дозволувајте ураганот да ве прегази, рече Ахмети.
Додека предводникот на „Огнената група“ пратеникот и потпретседател на ДУИ Изет Меџити имаше телевизиско гостување, неговиот сопартиец и вицепремиер Артан Груби му испрати директна порака. Со пораката го потсети Меџити на даденото ветување врзано за Коридорот 8.
-Еден од нас кој денеска не е овде, пред 40 мажи и жени на Централното претседателство рече: Ако оваа влада го направи Коридорот 8 со две раце, јас ќе гласам за владата…Држете го зборот, го дадовте. …знаете на кого мислам…“, рече Груби.
Меџити, како и останатите од „Огнените“ истапија јавно против однесувањето и моќта на Артан Груби и Бујар Османи. Како што изјавија, не биле поканети на собирот во Чаир, ниту ќе присуствуваат. За јасната поделба во јавноста, Ахмети прозборе на собирот.
-Активистите од Чаир се лојални на вашите политики и мисии, визионерски политики кои секогаш триумфираат. Али Ахмети не се грижи за насловите на весниците туку за судбината на Албанците денес и утре. Мобилизирани сме еден по еден, ентузијасти сме за нашата партија, рече Ахмети.
Изет Меџити, пак, во телевизиското гостување рече дека токму тој лани ја спасил Владата, кога Арбен Таравари објави формирање на ново мнозинство. Меџити рече дека е изненаден од присуството на специјалци во Чаир. Што му изгледало како собирот да се одржува во Северна Митровица, а не во Чаир.
-Сите овие безбедносни мерки се непотребни, изјави Меџити.
Меџити рече дека собирот е најавен со помпа, дури и со носење пејачи да соберат повеќе луѓе, што е претерано.