Долгиот назив на овој закон е Законот за амнестија на граѓани кои беа санкционирани поради прекршување на протоколите што беа воведени со вонредната состојба за време на пандемијата со коронавирус прогласена на 18 март 2020 година. Предлогот на група пратеници беше едногласно прифатен, а ги амнестира сторителите на кривичните дела „пренесување заразна болест“ (член 205 од Кривичниот законик) и „непостапување според здравствените прописи за време на пандемија“ (член 206 од КЗ) им се овозможува алтернативна мерка – условна осуда.
„Потребата од уредување на оваа состојба е наметната од големиот број на вакви предмети во Основниот кривичен суд Скопје. За да се надмине ова состојба за оваа категорија на осудени за кривичните дела од член 205 и член 206 од Кривичниот законик, парична казна, или заменета на парична казна со казна затвор согласно одредбите од овој закон, ќе се замени алтернативна мерка условна осуда, “се наведува во образложението на Законот.
Голем број на граѓани поради прекршување на пропишаните протоколи со уредбите на владата платија парични казни. Законот се однесува на тие граѓани, кои беа осудени на парични казни до и над 1 000 евра, како и оние кои поради неможност да ја платат или не ја платиле во целост, им беше заменета со казна затвор. Со донесениот Закон за амнестија казните, и паричните и затворските, им се заменуваат со алтернативна мерка условна осуда доколку во наредните две, односно три годни не сторат друго кривично дело.
Од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година, се наведува, во Основниот кривичен суд Скопје од страна на Основното јавно обвинителство Скопје поднесени се 967 казнени налози за член 206 од Кривичниот законик. По овие казнени налози судот донел пресуда, со кои се осудени 1 223 лица на парична казна од по 123 000 денари.