Властите во земјава се заложија за успешна реализација на сите потребни активности со цел натамошно динамизирање на пристапниот процес и одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ. Од претставниците на ЕУ, пак, упатена јасна поддршката за следниот исчекор на нашата држава во европските интерграции, но и порака дека земјата мора да ги спроведе уставните измени за таа цел, бидејќи нереално е да се очекува повторно отворање на Преговарачката рамка.
Ковачевски во обраќањето на почетокот на 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, што се одржа вчера во Скопје, меѓу другото истакна дека овој состанок на Советот има историска димензија, бидејќи по 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години по стекнувањето на кандидатскиот статус, го одржуваме со започнати преговори за членство на земјава во Европската Унија, како членка на НАТО.
– Со целосна посветеност кон реформската агенда и динамизирање на процесот на преговори, Владата си постави амбициозна цел – Северна Македонија да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во Европската Унија до крајот на 2030 година, за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетски период на Европската Унија, порача премиерот Ковачевски.
Во делот на реформите, потенцира тој, Владата е подготвена да работи и заедно со европските партнери на унапредување на социјалните и економските реформи и на опиплив напредок во владеењето на правото.
– Во ЕУ, како и за земјите претенденти за членство вклучително и за нас клучни се поглавјата 23 – Судство и фундаментални права и 24 – Правда, слобода и безбедност. На состанокот се согласивме дека во делот на правото мора да има независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судските авторитети и затоа заеднички ги охрабруваме правосудните органи за видлив напредок на овој план што е очекување и потреба пред се на граѓаните на нашата држава, рече Ковачевски.
На прес-конференцијата по состанокот тој истакна дека земјава направи јасен стратешки избор кога се постави целосно и недвосмислено на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е оценето како посебно важно во новиот геополитички контекст и војната на европскиот континент поради руската воена агресија на Украина.
– Високо се цени и нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година со што Северна Македонија активно придонесува за мирот и стабилноста во предизвикувачкиот глобален контекст. Потврда за тоа е и што утре преговорите помеѓу Србија и Косово ќе се одвиваат токму во нашата држава, рече премиерот Ковачевски.