Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците не отстапува од своето барање – или да се намали обемот на материјалот за полагање матура, или да се укине еден од интерните предмети. Средношколците застапувани од оваа организација, денеска повторно протестираа пред Министерството за образование и наука. Тие најавија дека ќе имаат и средба со ресорниот министер, Јетон Шаќири и дека она што ќе биде договорено ќе го споделат јавно.
„Најавено е дека има скратен материјал, но увид во таквиот материјал ние немаме добиено. Нашето главно барање е да биде скратен материјалот којшто е предвиден за полагање на државната матура со оглед на сето она што го поминавме како матуранти во овие четири години. Поминавме низ онлајн настава, низ дојави за бомби, низ штрајкови на професори коишто ги поддржавме, а потоа штрајкот на вработените во ЈСП го отежна доаѓањето на учениците во училиште. Сите овие фактори ќе влијаат дефинитивно на полагањето на државната матура“, рече во изјава за медиумите матурантката Анисија Угриновска, која стои на чело на ОДАС.
Според неа, нејзината генерација е најоштетена бидејќи во текот на целото свое средно образование, учениците немале една цела непрекината учебна година.
Пред да се одржи денешниот протест, преку писмено соопштение се огласи Средношколскиот сојуз. Оттаму не се согласуваат со барањето да се укине еден од интерните предмети. Угриновска сепак нагласува дека тоа барање е само алтернативно, доколку не се намали обемот на материјалот за матурата.
„Не се работи само за укинување на интерен предмет, туку се работи за решение кое ќе биде ефективно за сите средношколци односно скратување на материјалот предвиден за полагање на матура. За ова средношколците се изјаснија и на првиот Национален средношколски самит. Откако ги поканивме на Националниот самит кој го организиравме, не бевме исконтактирани за понатаму како би можеле заеднички да ги реализираме предвидените резолуции“, рече Угриновска.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто не реагирале во првото полугодие, ако се знае дека до полагањето на матурата има само два и пол месеца, таа рече дека требало да организираат дискусија и сите да ги кажат своите предлози.
„Тргањето на еден интерен предмет беше алтернатива којашто средношколците ја предложија. Секако ние целиме првично да биде скратен материјалот, а ако нема слух за тоа би се осврнале на мерки коишто би биле во корист на средношколците“, порача Угриновска.
Таа и останатите ученици денеска добија поддршка и од студентите, кои пак, рекоа дека заедно може да испратат погласна порака. Претставничката на движењето Студентски отпор, Теодора Наумовска се пожали дека Владата нема слух за нивните проблеми.
„Бараме зголемување на субвенционираниот студентски оброк и бараме почитување на роковите за исплата на стубвенционираниот студентски оброк, но и на стипендиите кои веќе еден месец доцнат. Излажани сме за подобрувањето на условите во студентските домови и нема ништо од реновирање, а условите и понатаму се катастрофални. Бараме итно решение за овие проблеми и затоа го искажуваме нашиот револт“, рече Наумовска која додаде дека бараат субвенционираниот студентски оброк да се покачи на 160 денари.
В. Ми