Рестриктивни мерки во училиштата поради ковид пандемијата, штрајк на просветните работници, континуирани дојави за бомби – сите овие околности го „парализираа“ образовниот процес на младите во земјава.
Сегашните генерации претрпеа многу последици кои директно се одразија на стекнувањето знаења, а образовните политики кои според нив се несоодветни, им ја прелија чашата. По протестот пред Министерството за образование и наука во понеделникот, средношколците утре повторно ќе протестираат. На овој начин тие ќе ги предупредат надлежните да ги исполнат нивните барања, во чиј фокус е намалувањето на обемот за полагање на матурата или намалување на бројот на интерни испити.
„Остануваме на тоа да се скрати обемот на материјалот за матура или да се укине еден од интерните предмети. Најавениот протест би имал за цел да ја долови важноста на брзото решавање на ова прашање. Покрај тоа, бараме да се посвети повеќе внимание на потребите на средношколците да бидат слушнати и да учествуваат во носењето на одлуки заедно со носителите на одлуки“, образложува за ММС, Анисија Угриновска претседателка на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС).
Со дискусии до мирни резолуции, без бојкот
Угриновска, која е четврта година во Гимназијата „Орце Николов“ смета дека последниве случувања оставиле огромни последици во однос на знаењето кај неа и нејзините врсници.
„Тоа остави огромни последици по знаењето. Имавме дупки во знаењето. Секоја чест за оние професори кои се трудеа, но и тоа иако беше добредојдено во таква ситуација, не ја решаваше ситуацијата. Имаше огромно влијание не само врз подготовката за полагањето матура, туку и врз менталното здравје на учениците, нивното теоретско, како и практично знаење, а и на самиот нивен социјален живот“, вели оваа матурантка.
Таа очекува ресорниот министер, Јетон Шаќири да ги покани на средба за да можат сите заклучоци лично да му ги пренесат, а тој да има повеќе слух за решенијата. Иако во медиумите деновиве има информации за можен бојкот на матурата доколку не се намали обемот на материјалот за учење, Угриновска вели дека ОДАС не стои зад ваквата иницијативата.
„Такво нешто ние немаме најавено како ОДАС, ние единствено одиме преку дебата. Имавме дискусија, а понатаму ако не сме послушани би оделе на протест, но не би правеле бојкот. Во моментот не стоиме зад тоа, ние сме за дискусии и мирни резолуции“, тврди Угриновска.
Таа себеси се гледа како правник и годинава планира да се запише на Правниот факултет при УКИМ, па оттука не изненадува што оваа средношколка гласно и активно се бори за подобар стандард на младите. Таа учествуваше и на првиот Национален средношколски самит на кој учениците порачаа дека сакаат активно, а не пасивно да учествуваат во образовниот систем, а своите предлог-решенија ги сублимираа во Декларација. Токму барањето да бидат вклучени во образовните политики кои ги засегаат, ќе биде едно од барањата кои ќе ги испорачаат на утрешниот протест во 12.30 часот, а на кој ќе добијат поддршка и од движењето Студентски отпор.
Поддршка за средношколците од студентите
Министерството за образование и наука вчера соопшти дека и на учениците и на студентите им ги исплатило средствата за стипендија за седум месеци, но и дека е извршена исплатата за субвенционираниот студентски оброк. Со ова, студентите се откажаа од идејата да протестираат и да организираат блокади на скопските сообраќајници откако нивното барање беше исполнето, но информираа дека ќе го поддржат протестот на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците.
Ресорниот министер, Шаќири претходно најави дека ќе се разгледа законскиот основ што дозволува законот да се промени во овој период за организација на државната матура. Тој најави дека следната недела ќе има состанок со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) за уште еднаш да ја известат јавноста кои се материјалите и што е предвидено во нив.
Матурантката Угриновска порачува дека државата требала да биде спремна уште пред некое време да одговори на ситуацијата со матурата.
„Полагањето на матура беше неизбежно да се случи, а знаевме што се случуваше во изминатите неколку години. И како институции и како луѓе моравме да бидеме спремни да одговориме на ова прашање, можеби и поспремно и побрзо, но сега се надеваме на слух и на тоа дека овие работи ќе бидат решени“, заклучува таа.
Во меѓувреме, учениците кои има значителни прекини во целиот воспитно-образовен процес. имаат нецели три месеци да се подготват за првиот екстерен предмет кој треба да го полагаат на 27-ми мај кога ќе може да одберат меѓу македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература. На 10-ти јуни е полагањето на вториот екстерен предмет, кога матурантите ќе може да полагаат математика, англиски јазик, француски, германски, руски јазик, филозофија или естетика. Освен тоа, учениците според актуелните одредби, ќе треба да полагаат и два интерни предмета.
Вања Мицевска