За само една година, македонските градежни компании останале без 12.622 работници. Со ова, за првпат во последните пет години секторот градежништво брои под 50.000 вработени. Од Синдикатот на градежништво при Сојузот на синдикати, претставувајќи ги овие бројки денеска обвинија дека ваквата ситуација се должи на несоодветните владини политики и ветувањата на министрите, од кои граѓаните не добиваат ништо.
„Од работодавачите добивме информација дека голем дел од компаниите се соочуваат со потешкотија во работењето бидејќи Владата односно државата, гоолем дел од колачот сака да даде на странските компании, а не да вложи во домашните компании. Тоа произлегува од фактот што пред два дена во Владата се случи еден многу безобразен договор каде што милијарда и триста милиони на ненаправен проект и непресметана експропријација се даваат на странската компанија Бехтел и Јенка“, изјави на денешната прес конференција, Иван Пешевски – претседател на Синдикатот за градежништво при ССМ.
Според него, скоро два милијарди евра од државниот буџет ќе се одлеат во странски компании, а домашните ќе добијат 80 милиони евра.
„Процентите се застрашувачки бидејќи 96 отсто од вкупните пари кои ги плаќаме ние и вие, граѓаните, ќе одат кај странски инвеститори и странски компании, наспроти домашните компании кои се пред ставање клуч на врата и може да останат на улица и тие малку работници кои останаа во државата“, рече Пешевски.
Тој додаде дека најголемите инфраструктурни објекти ги градат странски компании и затоа синдикалците и работодавачите од државава, бараат итна средба во Владата за да разговараат за состојбата која ја оценуваат како алармантна.
„Домашните компании го губат пазарот поради лоши владини политики во изминатите пет години. Не беше сјајна состојбата и во подалечното минато, бидејќи поради лоша администрација и менаџирање останавме без автопат Кичево-Охрид. Задолжени сме до седмо колено за да ги враќаме тие средства, а сега се прави нов договор во четири очи во Влада“, обвини Пешевски.
Тој рече дека ја предупредуваат Владата да „стави кочница“, да ги преиспита аргументите и податоците и да им даде повеќе работа на домашните компании и работници. Во спротивно, вели Пешевски, нема да останеме без секторот градежништво туку без целата држава.
„Ние ќе си го искористиме нашето право на штрајк. Ако нема слух од Владата спремни сме да излеземе на штрајк со цела механизација на улиците. Министрите многу ветуваат, а ние не добиваме ништо. Ние граѓаните секојдневно што ги плаќаме нивните грешки и даноци сме тие што треба да останеме и да ја градиме државата. Имаме доволно капацитет да земеме 51 процент од таа работа да ја работиме ние, значи не само да ни дадат змејиште туку и проектирањето и изведбата и изградбата на патиштата да биде од домашните компании“, порача Пешевски.
Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанска комора, Андреа Серафимовски вели дека за ова што сега се случува, тие предупредиле уште пред две години.
„Во следните две-три години на овие простори ќе има две милијарди евра финансиски услови за работа во градежништво, во кои домашните компании од сега знаеме дека би учествувале со 80 милиони евра, а тоа е поразителен факт. Цениме дека ова одлевање на работници е последица на системско нерешавање на проблемот или од политиките на Владата, а тоа е социјална, а не развојна политика. Работниците немаат услови, а на работодавачите им требаат добри работници, но и работниците не можат без успешни компании. Договарање во четири услови не е пример за изградба на сектор кој би имал успех“, апелираше Серафимовски.
И од синдикалниот, но и од бизнис секторот, сметаат дека без поддршка од државата не може да има големи компании. Оттаму посочуваат дека не е исто да се биде изведувач и подизведувач, и бараат да бидат главни изведувачи со што наместо да се одлеваат пари во странски држави, би долевале пари од странство.
В. Ми