Лекот трикафта за болните од цистична фиброза пристигна на Универзитетската клиника за детски болести, каде што веќе се примаат пациентите кои треба да ја добијат оваа терапија.
За ова денеска информираа министерот за здравство, Фатмир Меџити и директорката на Детската клиника, д-р Стојка Фуштиќ потенцирајќи дека сега се обезбедени средства за лекување на пациентите кoи се во потешка состојба, а понатаму со нови преговори, но и законски измени, oчекуваат да се овозможи лекување и за поголема група пациенти.
„На Клиниката примаме околу шест пациенти, а двајца пациенти ќе се водат на Клиниката за пулмологија. Очекуваме да започнеме со терапија овие денови, кој некои пациенти од утре или во текот на наредните денови. Очекуваме позитивен ефект од терапијата во однос на подобрување на нивната белодробна функција, подобрување на квалитетот на животот, на нутритивниот статус, намалена зачестенст на хоспитализациите и секако, поактивен живот на овие пациенти“, оосуммибјасни д-р Фуштиќ.
Меѓу осуммината пациенти кои ќе го примаат лекот трикафта, има само едно дете, а останатите се возрасни. Според д-р Фуштиќ, двајца од пациентите кои се во најкритична состојба ќе бидат третирани на Пулмологија.
„Ефектот од терапија тука е неизвесен, но секако ќе пробаме, ако можеме да им го подобриме белодробието, кое е основно за нивниот квалитет на живот“, додаде директорката на Детската клиника. Таа рече дека успеале да издејствуваат пониска цена за лекот од предвидената и веќе е поднесено барање до ФЗО во рамките на истиот буџет, да бидат вклучени уште четворица пациенти.
Лекот трикафта е современа таблетарна терапија, така што пациентите нема да бидат врзани со хоспитализација, туку ќе треба да пијат по две таблети наутро и една таблета навечер. Пациентите со цистична фиброза издејствуваа властите да ја набават оваа современа модуларна терапија по два протести во Скопје и бројни апели преку медиумите да не си играат со нивниот живот.
В. Ми