Над националниот интерес стои човечкиот. Нема ништо поважно на овој свет од животот. Точно затоа членството на Македонија во ЕУ е многу важно. Во Бугарија, кога стана членка на ЕУ, многу се зголемија шансите за трансплантација. Така ќе биде и кај вас. Бугарија е првата држава во овој источен блок каде во 1986 година се направи првата трансплантација на срце. Потоа стагнира, за да 2007 година, кога станавме членка на ЕУ, се возобнови.
Поради тоа и членството на Македонија во ЕУ е пат до спасување на многу повеќе човечки животи преку трансплантација. Затоа во мое име ви кажувам примете го моето извинување и извинувањето од сите нормални луѓе во Бугарија, што поради една шака политичари тоа ви е оневозможено.
Ова го вели Ѓеорги Пеев, кој е единствениот човек во Бугарија што има направено трансплантација на срце и бубрези и денес функционира нормално и му се радува на животот.
Со Пеев се сретнавме во Скопје, беше гостин на здружението „Нефрон“, каде го сподели своето искуство и животен предизвик пред македонските пациенти, кои со години чекаат трансплантација, но за жал многумина не дочекуваат. Пеев од негово искуство посочи дека вината што многу луѓе на дијализа умираат не дочекувајки трансплантација лежи во државата и несоодветните закони. Тој вели дека и во Бугарија било така, сè до моментот кога државата влезе во ЕУ. Оттогаш, според него, работите се менуваат. Иако, објаснува тој, и денес не е најсјајно, сепак законски кај нив тоа е многу добро решено.
Но, какво е животното и болничкото искуство на Пеев? Каква била неговата реакција кога дознал дека ќе живее само ако направи трансплантација на бубрег, а потоа дознал дека прво треба да направи и трансплантација на срце? Што на човек му се менува во животот кога ќе ги помине овие два тешки животни предизвици?
Ова се само дел од прашањата на ММС, на кои тој се обиде да даде одговор и преку негово лично искуство да докаже дека и за најголемиот проблем со кој може да се соочи еден човек и колку тоа да изгледа нерешливо, сепак, има решение.
Звучи страшно кога човек ќе слушне дека благодарение на две трансплантации сте жив и функционирате супер. Како вие се соочивте со тоа?
-Да, тоа навистина беше голем предизвик. Таков тип трансплантација, кога е направена трансплантација на срце, па по година ипол се направи и трансплантација на бубрези нема и во Европа. Има случаи кога во ист момент, со една операција трансполантираат срце и бубрег, но на трансплантирано срце да се направи подоцна и трансплантација на бубрег и сето тоа да се издржи без последици немало. Барем до пред некоја година, колку што јас знам.
Се плашевте ли дали ќе издржите? Сепак, не е едноставно и сомневањето на пациентот во таква ситуација е нормално?
-Не, никогаш не сум се плашел и секогаш сум кажувал дека сум жив благодарение на тоа што многу верував на лекарите. И поради тоа живеам. Јас се разболев многу случајно. Тоа беше огромен шок за мене. По помината летна инфекција, летен вирус 3-4 дена со температура 40 степени, јас три месеци подоцна целиот се наполнив со вода. Ми кажаа дека бубрезите престанале да ми работат. И по направените тестови се покажа дека мајка ми може да ми биде донор на бубрег. Неколку часа пред да ми го трансплантираат бубрегот се покажа дека и срцето речиси си заминало. Тоа беше навистина шок за мене. Се сопре со трансплантацијата на бубрег веднаш и почнавме да правиме испитувања за срцето, најбргу што може. Но, стравот беше многу поголем бидејќи во тоа време во Бугарија дали се правеа едвај 2-3 трансплантации на срце годишно. И немав друг излез, туку веднаш се запишав на листа на чекање во Шпанија и Англија. Длабоко во себе си имав речено – е нема да умреш на 36 години. Тоа за себе си не ни сакав да го мислам, таква опција не постоеше во моите мисли. По трансплантација на срцето продолжив со дијализа додека да дојде време да се направи трансплантација на бубрег.
По колку време најдовте донор на срце?
-Па поминаа околу 8-9 месеци се најде донор. Донорот е од Бугарија и му благодарам на Бога што после сè што преживеав сега со мене сè е во ред. Донорот беше на моја возраст, почина поради аневризма во мозокот. Се запознав со семејството, во контакт сме и како што вели мајка му, среќни се што дел од нејзиниот син продолжил да живее во мене. Тоа е пример дека донорството навистина претставува живот. Ете тоа на кратко е мојата животна приказна. Навистина за кратко време ми се создаде шанса и среќа за живот.
Се запознавте ли со семејството на момчето чие срце носите? Како реагираа тие?
-Кога се случи мојата трансплантација сите медиуми пренесоа, беше навистина чудо, а во Хасково, каде живеам ме познаваат сите бидејќи долго време бев новинар. Јас семејството кое ми го донираше срцето не го познавав, но еден ден добив писмо од мајката на момечето чие срце носам, преку медиумите дознала. Се слушнавме по телефон и таа посака да се сретнеме и да се запознаеме. И се сретнавме иако по Закон кај нас не треба да се знаат донорите. Ако го раскажам тој момент ќе плачеме, многу емотивен момент беше. Кажа само еден збор. Станавме пријатели, се слушаме. Тоа е обично семејство, кое се обидувам да го заштитам.
Бевте ли среќни што не чекавте многу за трансплантација на бубрег, бидејќи во Макдонија постојат пациенти кои се и по 40 години на дијализа?
-Кога дојдов во Скопје го запознав човекот кој е на дијализа 40 години и не можев да поверувам дека такво нешто воопшто постои. Да ви објаснам. Во ЕУ и во светот практика е да не се оди на дијализа поради две причини. Прво дијализата многу му штети на организмот и тоа понатаму пречи за трансплантација, оти не може да се направи трансплантација со болни органи. Ризично е. Другата причина е економската. Станува збор за пари. Еден пациент на хемодијализа е четири пати поскап за државата отколку еден трансплантиран пациент. Хемодијализата е скапо задоволство. Богатите држави тоа задоволство не можат и не сакаат да си дозволат, не сакаат да трошат пари за тоа. Па затоа повеќе трансплантираат отколку што имаат пациенти на дијализа. Обично скапите задоволства си ги применуваме ние, бедните држави. А причината се знае зошто е така. Тоа го знаат политичарите кои со години ни ги водат државите. Тие си знаат зошто им е поубаво да трошат пари за дијализа.
Што се смени кај вас во однос на трансплантација кога влеговте во ЕУ?
-Првата срцева трансплантација не само во Бугарија, туку во источниот регион е направена во 1986 година од професорот Александар Ќирков. После тоа, до 1990 година дали се направени уште 2-3. Таа година одат промени кај нас, но до 2001 се сопреа. Потоа тргна малку, но навистина развивањето, зголемувањето на бројот тргна после тоа, иако, да се разбереме, и кај нас не е таа бројка која треба да биде. Затоа и го направивме филмот „Живот за живот“ за да ја подигнеме свеста. Бумот, ако може така да го наречам, се случи откако Бугарија влезе во ЕУ, во 2007 година. Ќе се изразам метафорично – „апетитот доаѓа со јадењето“. Кога се влегува во ЕУ ти се стремиш да ги стасаш останатите развиени држави.
Златниот медал на една држава е квалитетот на живот на народот. А квалитетот на живот е поврзан и со здравствениот статус на населението и со колку помалку загубени човечки животи, бидејќи тие кои чекаат на листите за трансплантација не ги дочекуваат. И точно заради тоа стимулот на самата држава да ги стаса развиените држави е и развивањето на оваа дејност, трансплантацијата. Убеден сум дека европската иднина на вашата држава треба да биде апсолутен факт, тоа не треба ниту да го коментираме, бидејќи е поврзано со спасување на многу човечки животи.
Но, токму Бугарија е проблем за нашата европска иднина?
-Еднаш кажав и сега пак ќе кажам. Јас навистина сум многу современ човек, навистина живеам во 2022 година, гледам кон иднината, бидејќи од минатото само вадев поуки. Современиот човек треба да гледа напред, а бидејќи јас гледам напред, а не назад, верувам дека Македонија кога ќе влезе во ЕУ и трансполантациите ќе се зголемат. Над националниот интерес има друг интерес, а тоа е човечкиот интерес. Навистина нема поважно ништо на овој свет од човечкиот живот. Тоа треба да го разберат сите политичари и од двете страни на границата, бидејќи ние обичните луге си седиме, си разговараме, се разбираме и не се мразиме. Сè останато е прашање на некакви си луѓе, кои јас ги нарекувам „полна тапанарштина“, заради тесни партиски интереси. А ние обичните луѓе не сме такви.
Јас навистна се срамам. За првпат сум во Македонија, за првпат сум во Скопје. Многу сум изненаден што кај вас има организација за бубрежно болни и постои 20 години. Кај нас нема, а и тие што ги има обично се испокарани меѓу себе. Малку ми е незгодно, си признавам, по сè што се случи, по сè она што го прави Бугарија. Ако зависеше од мене и вие и Албанија во истата минута ќе бевте во ЕУ, без никаков проблем. Ќе кажам еден пример, што мене многу ми е смешен. Имаме една една националистичка парија, беше парламентарна, кој вели: „нема Македонци, нема Македонија, Македонците се Бугари“. Е добри де, ако е така што им пречиш да влезат во ЕУ? А таа истата партија вели дека ако дојде на власт ќе ја извади Бугарија од ЕУ! Јас велам – добро бе тапанари, ако сакате да нè уништите нас, тогаш пуштете ги тие луѓе да живеат нормално! Па нели е така? Апсолутен нонсенс. Потполна глупост. Што да кажам. Ние во Бугарија имаме толку големи проблеми, а тие се занимаваат со Македонија! Ние сме испокарани мегу себе, не можеме Влада да направиме, а тие се занимаваат со Македонија! Смешно е! Јас многу се нервирам за тоа, а веќе и не можам да се нервирам и затоа се смеам на глупоста на некои наши политичари и тие што ги поддржуваат. Па нема ништо вечно. Затоа човек треба да живее што е можно подобро и подобро. Јас толку години чекав трансплантации, и периодот додека чекав друга трансплантација поминував многу тешко, многу ослабев ама и покрај тоа продолжував да работам. Со лап топ на стомак бев една недела пред да имам трансплантација на срцето. Секогаш има начин, треба да се притиска да се направат Законите и законските акти во корист на пациентите, а со тоа и толку подобро ќе биде опшеството.
Што се смени во законите за трансплантација кај вас по влегување во ЕУ?
-Многу нешта. Друго е прашањето колку се исполнува и кај затајуваат организациите. Кај нас во регионалните болници координаторите ништо не работат, не мрдаат со прст. Само неколку болници работат со донорство. Што значи и ние имаме сè уште проблеми. Но, од гледна точка на законодавството, административните пречки, сето тоа беше тргнато. Кај нас законските обврски се како во Шпанија. А Шпанија е број еден во трансплантации, таму нема листа на чекање. Заете ли која е втората и една од најразвиените во таа област? Хрватска! Пред 15 години тие направија револуција во органодонорство. Затоа што тие сфатиле дека не се доволно богати за да фрлат пари за дијализа, дека подобро е трнсплантација. Хрватска е исклучителна во трансплантацијата. Тоа беа статистиките пред ковид, бидејќи ковид за многу нешта ги побрка работите. Ние имаме координатори во секоја поголема болница. Тие вообичаено се анестезиолози во интензивна, реагираат кога има сомнение за мозочна смрт. Специјален медицински персонал и протокол по кој се делува, не може на жив човек да му земат орган.
Кога се констатира мозочна смрт има определени медицински показатели. Доаѓа екипа, се прават експлантации и така натаму… Тоа е процес. Ете тоа е подобрено, само да се натераат координаторите во болниците да работат подобро. Потребно е да се направат посебни центри за трансплантација, да не се дел од други. Од гледна точка на Закон ние немаме проблем. Ние имаме проблем со политичарите. Бидејќи во 2018 година на некој тапанар му дојде на памет дека треба да ја згасне извршната агенција за трансплантација заради скандал, за тие што чекаат за белодробна трансплантација. Има само една единствена направена и успешна трансплантација на бел дроб и тоа на наш пациент во Австрија. Се случи измислен скандал , ја затворија агенцијата, ги ставија трансплантациите во медицински надзор и сега каде е надзорот, каде се трансплантациите?? Се случи ненормална работа. Со години се бориме да си ја вратиме таа агенција за да може еден административен орган да управува со целиот сектор. Сега знаеш што се случува? Координаторот по донорство во болниците има договор со таа агенција, а самата болница за да биде донорски центар има договор со Министерство за здравство! Кога се е под една капа многу полесно се координира ама кога рабоата се префрла од едно место на друго тепко е. Ама што да правиш? Кај нас само избори има, парламентот се занимава со глупости, политичарите со тапанарштини, си играат со здравјето на луѓето. Ај да не расправам, се знае.
Како живеете по трансплантациите? Што мисли човек кога ќе помине низ вакви проблеми? Што се менува во главата?
-Мене многу луѓе ми велат одвратен си! Хахахха. Се шегувам нормално. По трансплантациите јас многу се сменив. И по карактер. Станав многу одговорен кон некои нешта, отворен за секоја несправедливост. Не молчам за ништо.. Затоа и многу луѓе не ме поднесуваат. Кога ќе ја кажам вистината во очи не им е добро. Која е смислата на живот? Па да продолжи тој живот, Рецептот за среќен живот е да се гледаш себе си и да бидеш критичен кон себе си. Да си речеш е тоа можев да го направам подобро, не да осудуваш. Навистина да се гледаш себе и само себе. Таму каде си згрешил речи- по ѓаволите згрешив, дај да го направиме подобро. Јас можеби и затоа сум жив. Јас навистина многу верував на лекарите и можеби затоа сум жив. Гледаш во нашите држави луѓето се многу недоверливи. Довербата е една од најниските во Европа и кај нас и кај вас, никој никому не му верува. Секако има генеза на таа работа, сите ја знаеме и гледаме. Доволни се само економските причини. Но, смисолот на живот е тоа да се изживее, да правиш повеќе добро од лошо, за да кога ќе се погледнеш во огледалото се сакаш. Тоа е најдобро. Навистина животот да се живее, во вистинска смисла на зборот…
Весна Миленковска