Нов Ургентен тријажен центар на интерните клиники, најави денеска министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Неврологот Меџити, кој е нов министер во овој ресор, на првата средба со новинарите накратко ги образложи своите приоритети и рече дека поради тоа што доаѓа од Клиничкиот центар, веќе ги знае маките на пациентите, како и недостатоците во здравствениот систем.
„Треба да имаме подобри услови во здравството, ние нема да ја префрламе топката во минатото“, рече Меџити.
Еден од неговите први приоритети ќе биде изградбата на катна гаража со цел да се реши проблемот со сообраќајниот хаос н при комплексот клиники „Мајка Тереза“.
„Сакаме да се справиме со сообраќајниот хаос на Клинички, јас секој ден се чувствувам како потенцијален пациент, а исто размислувам и за мојата фамилија. Треба сите да придонесеме за подобри услови“, изјави Меџити додавајќи дека проблемите и предизвиците се големи, па затоа ќе биде потребно време, неговиот тим да ги „скенира“ состојбите.
Тој најави дека ќе ја обнови позитивната листа на лекови која не е ажурирана над десет години.
„За време на моето министерување нема да дозволиме да се случи таков случај како што имавме со цистичната фиброза. Ќе ги разгледаме сите правилници, законски и подзаконски акти за тоа да се ажурира. Потребна ни е промена на оваа листа бидејќи треба да имаме поиновативни лекови за пациентите“, нагласи Меџити.
Меѓу неговите приоритети ќе биде и зголемување на платите на сите здравствени работници, кое вчера на средба со него го побараа и претставниците на Синдикатот на Клинички центар.
Меџити денеска немаше конкретни одговори на новинарските прашања на кој начин поконкретно ќе се справува со предизвиците и проблемите за кои и самиот е свесен, но рече дека со тимот се уште прибираат информации за да се потрудат да најдат решенија.
Меџити најави и промена на директорските места на Клиниката за неврологија, на Очната клиника, како и на Ендокринологија и Дерматовенерологија, но не кажа за кои нови имиња станува збор. Тој информираше дека ќе има и нови економски директори на Онкологија и на Гинекологија и акушерство.
В. Ми