Обвинителството е цел на напади заради политички интереси што се совпаѓаат со оние на Русија, порача Главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев во интервју за бугарски „Капитал“. Според Гешев, главната цел на нападите е преземање контрола врз државното обвинителство, но ваквото совпаѓање на интересите е загрижувачко, пренесува бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.
Многу е интересно како се совпаѓаат некои евроатлантски-ориентирани партии со тоа што го прават некои граѓани на Руската федерација. За мене е енигма зошто тоа се случува, коментира Гешев.
Гешев како прв човек на обвинителството, инаку, долго време е цел на напади од партии и од последната политичка владина коалиција што ја предводеше Кирил Петков, и тоа за несодветно работење и корупција и штитење на криминалот – особено во контекст на штитење на поранешната владејачка партија ГЕРБ и Бојко Борисов.
Погорната изјава на Гешев може да се разбере како негов обид да ги дезавуира нападите против него користејќи ја популарната синтагма за „руско влијание“. Наспроти тоа, против него имаше конкретни обвинувања за несоодветно постапување не само од партии или коалиции, туку и од граѓани што излегуваа на протести во Софија.
Во однос на големиот скандал со снопчињата пари и прачки злато што се видоа на видеоснимки од спалната соба на поранешниот премиер Борисов, Главниот обвинител Иван Гешев вели дека истрагата за случајот е пред крај, но дека добил одговор од банката што ги издала евро банкнотите дека снопче со сериски број каков што се гледа на снимката не било издадено.
Инаку, потсетува mediapool, од самиот почеток истражните служби не ги сметаат снимените прачки за злато, туку ги нарекуваат правоаголни предмети со црна боја, а додека ГЕРБ на Борисов беше на власт, обвинителството тврдеше дека експертиза на банкноти и прачки не се прави од видеоснимка.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.