Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почна судењето против сопственикот на порталот „Доказ” кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела.
На почетокот на насроченото рочиште, јавната обвинителка, Зорица Павловиќ, предложи до судот јавноста да се исклучи од отворањето до крајот на главната расправа, бидејќи, како што рече, „се работи за кривични дела против моралот, а исклучувањето на јавноста е потребно заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците“.
– Бидејќи се очекува изнесување на лични и интимни односи, детали од животот на семејствата на оштетените, затоа обвинителството смета дека е потребна заштита на оштетените и сведоците кои се во поголем број, а истите досега преку интернет порталот биле подложни на говор на омраза, рече таа.
Судот го прифати овој предлог и донесе решение за исклучување на јавноста.
– Се прифаќа предлогот на јавниот обвинител да се исклучи јавноста во текот на целата главна расправа заради заштита на приватниот живот на оштетените – рече судијката поединец, Марија Клетничка Марковска.
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка поднесе обвинителен предлог против сопственикот на порталот „Доказ“, кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и „злоупотреба на лични податоци“.
Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал. Пријавите се од две новинарки од неделникот „Фокус“ и еден владика.
На денешното рочиште беа присутни оштетените Валентина Вумро, Ирена Мулачка, Александра Милчевска, Марина Јовановска, Блерим Рамадани и Роберт Петров.
Процесот го води судијката Марија Клетничка Марковска, а застапник на обвинението јавната обвинителка Зорица Павловиќ.
МИА