Штип како регионален центар станува интересен за уште еден трговски синџир во Македонија. Станува збор за маркетите „Рамстор“, чиј менаџмент веќе разговарал со локалната власт со најава на интерес за локации за маркет.
Ова ни го потврди градоначалникот Иван Јорданов, кој рече дека е рана фаза.
-Засега е во фаза на искажан интерес за локација, изјави Јорданов.
„Рамстор“ има 21 маркет низ државата и од пред две години премина во сопственост на Ајдоган Адемовски, претседателот на Македонско-Турска стопанска комора во Македонија (МАТТО) и сопственик на Трговскиот центар „Капитол мол“ и „Хотел Хилтон“ во Скопје.
„Сити плаза“, компанијата на Адемовски, кој е и почесен конзул на Турција, при преземањето на „Рамстор Македонија“, најави проширување на бизнисот и отворање на нови маркети низ државата.
Што се однесува со влегувањето на „Лидл“ на македонскиот пазар и отворањето на маркет во Штип, засега нема ништо ново. Во Штип треба да биде отворена првиот маркет на „Лидл“ во државата, за што од Општината Штип им биле понудени две локации.
-„Лидл“ бара локација од 9000 квадратни метри, од кои 3000 квадрати за маркетот и 6000 за останатата инфраструктура, вклучувајќи и паркинг, кажа градоначалникот Јорданов.
„Лидл“ од поодамна ги најави своите инвестиции во Македонија и покрај во Штип, отворање на маркети се планирани за уште неколку поголеми градови. Во април 2021 година беше отворена и македонската компанија на „ Лидл“ – Друштво за трговија на мало „Лидл Северна Македонија“ ДООЕЛ, со седиште во Гази Баба, Скопје, каде е планиран дистрибутивниот центар.
Во Штип со свои продавници се присутни поголемите трговски синџири, како КАМ, Стокомаркет, Вива фреш преку маркетите на Кит Го, Киппер, Зендолино и други помали. Со хипермаркет е присутен и косовски Елкос.