Не може мерки да се носат за некој да се богати, а друг да осиромашува. Владата е на и за граѓаните. Одлуката за замрзнување на цената на брашното беше донесена на база на сите информации што ги има Министерството за економија, а Државниот пазарен инспекторат ги направи сите пресметки и контроли. Граѓаните мора да се заштитат. Станува збор за само два продукта што ги произведуваат пекраниците во време кога е намалена цената на електричната енергија и брашното, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Како што напомена Николовски, граѓаните очекуваа пониски цени на основните прехранбени производи, односно резултат од државната поддршка што ја добија компаниите преку субвенционираната струја.
-Министерствата ги следат ефектите од антикризните мерки. Тие вчера беа презентирани од министерот за економија во делот дали се намалени цените. Моите изјави во изминатиот период беа константни – дека граѓаните очекуваат резултат од поддршката што ја добија компаниите, да има поевтини прехранбени производи. Со месеци сите ние плаќаме за голем дел од компаниите да добиваат повластена електрична енергија која во последниот период е со намалена цена, а со намалена цена е и брашното. Се тоа доведе до одлуката која ги штити граѓаните, изјави Николовски, одговорајќи на новинарски прашања по завршниот настан за твининг проектот „Усогласување на законодавството и имплементација на правото на ЕУ во областа на рибарството и аквакултурата во Република Северна Македонија“.
Тој потсети дека конкретно, улогата на МЗШВ е да креира мерки кои го поддржуваат производството и тоа, рече, дава резултати.
-Годинава ќе имаме близу 77 00 хекатри пченица што е зголемување за повеќе од 1 000 хектари од лани, а зголемено е и производство на јачмен, како и на сончоглед. Нашата заложба проодлжува во тој правец, да ги поддржуваме земјоделците за да имаме поголемо производство, потенцира министерот Николовски.