Над 50.000 претплатници од Македонија има стриминг платформата Нетфликс. Ако се пресмета најниската претплата од 5 евра, секој месец од Македонија се одлеваат по 250.000 евра. Од тие пари ниту денар не оди за државата како данок.
Илустративен е и податокот што го изнесе ИРЛ, дека премиерот Димитар Ковачевски потрошил 26.000 евра за само сто дена на социјалните мрежи. Според нашиот закон, ниту денар од овие евра не останува во државниот буџет. Премиерот, индиректно самиот практикува даночна евазија, плаќајќи на странски компании, кои не плаќаат данок во Македонија.
Идентично е и со политичките партии. Само во февруари, владејачката СДСМ од еден свој профил платила 46 огласи на Фејсбук. Левица имала шест спонзорирања, од ВМРО ДПМНЕ биле активни во декември лани со 4 огласи, додека ДУИ престанал да огласува на Фејсбук со завршувањето на локалните избори во 2021 година.
Државата уредно го собира данокот дома, но не и од странските компании
Во исто време, за секој исплатен денар секој македонски граѓанин, државата му задржува 10 отсто персонален данок. Зошто за граѓаните и домашните субјекти, државата е ревносна да го наплати данокот, додека на странските гиганти како Нетфликс или Мета со милионски обрат, не им се задржува ни денар?
Одговорот е едноставен – овие странски компании немаат канцеларија или претставник во Македонија. Ова треба да се промени со законските измени, кои се во процедура.
Од Управата за јавни приходи објаснуваат дека со даночната реформа се предвидуваат одредени измени на законот за ДДВ , со кој ќе се опфатат и странски фирми кои вршат одреден промет на добра и услуги во државава а истите немаат свое претставништво, подружница или седиште.
-Со законските измени овие странските компании кои вршат промет на добра и услуги на територија на РСМ кои подлежат на оданочување со ДДВ а немаат седиште или подружница на територија на РСМ ќе имаат обврска да назначат еден даночен застапник. Назначувањето ќе се врши со поднесување на пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност заедно со потребната документација до Управата за јавни приходи. Даночниот застапник ќе има обврска за пресметување на данокот на додадена вредност, за поднесување даночна пријава за плаќање на ДДВ и за плаќање камата во случај на задоцнето плаќање на ДДВ како и да води евиденциски обврски во име на странското лице, одговорија од УЈП.
За тоа време, законот чека да дојде на дневен ред
Предлог-законот за изменувања и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност е во собраниска процедура, додаваат од Министерството за финансии. Како што стои во објаснувањето од Министерството, со измените се пропишува дека секое странско лице коe нема седиште, ниту подружница на територијата на РС Македонија, а коe врши промет на добра и услуги во земјата што подлежат на оданочување со ДДВ.
-Согласно Законот за ДДВ, има обврска да се пријави за целите на данокот на додадена вредност и да назначи даночен застапник којшто е исто така уреден и пропишан во предлог законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, додаваат од Министерството за финансии.
Со ретки исклучоци, без своја канцеларија се компании како Букинг, па секое закупување на простор македонскиот граѓанин го плаќа на сметка во Амстердам, Холандија. Огласите во Гугл, се плаќаат исто така, во странство, исто како и стриминг платформите или огласувањето на Мета.
Со законските измени се врши и дефинирање на одредени услуги што се вршат по електронски пат.
-Тука, вклучувајќи ги и услугите коишто ги вршат компании/даночни обврзници како Гугл, Фејсбук и слично, при што се врши и целосно уредување на местото на промет на услугите, односно се врши прецизирање на обврската за пресметување и плаќање на данокот на додадена вредност, соопштија од МФ.
Што со картичките за подарок?
Друг тип на одлевање на средствата се од популарните картички за подарок ( gift cards), односно системот за вредносен ваучер. Во предложените законски измени се доуредува и системот за вредносен ваучер или популарно наречени картички за подарок, ( gift cards), кои може да бидат еднонаменски и повеќенаменски.
-Кај еднонаменскиот ваучер се прецизира времето на издавање, местото на прометот на добра или услугите, како и износот на ДДВ кој треба да се пресмета и плати. На пример, ваучер за подарок, за одреден производ за кој има даночна стапка 18 отсто ДДВ, данокот ќе се плати при прометот на ваучерот. Додека кај повеќенаменскиот ваучер во времето на неговото издавање не е познато местото или стапката на ДДВ на доброто или услугата, во тој случај ДДВ, ќе се плати при промет на доброто или по извршувањето на услугата, се дообјаснува во одговорот на УЈП.
Законските измени се во законска процедура и се дел од неколку десетици закони, меѓу кои и тие закони, кои повеќе од две години чекаат партиите да се усогласат и да дојдат на дневен ред. Додека изминува времето, даночните обврзници губат пари. Но, многу помалку во однос на одливот што трае со години, стимулиран и од однесувањето на тие што донесуваат одлуки.
Весна Коловска